Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски денеска најави дека за две недели ќе се објави тендер за реконструкција на магистралниот пат Гостивар – Кичево. За трасата во должина од 30 километри е предвидено да се издвојат шест милиони евра. Со проектот е предвидена и обнова на пет моста долж оваа делница. „Мислам дека е исклучително важно освен што ги поправаме дел од мостовите и нивната санација, како и на дел од свлечиштата, веќе се договоривме за целосна реконструкција, нов слој на асфалт, нови банкини, ново обележување“ информираше Мисајловски.
Паралелно со најавената санација на стариот пат, од надлежното министерство работат и на изработка на проектната документација за идниот автопат од Гостивар до Кичево. Постоечкиот пат преку превојот Стража е еден од најфреквентните патишта во земјава, но истовремено и еден од оние што се наоѓаат во лоша состојба. На значаен дел од трасата, особено делот од превојот Стража кон Кичево, коловозот не е саниран неколку децении наназад. На одредени сегменти од оваа делница има големи дупки и бранови на асфалтот, кои го отежнуваат движењето на возилата.