Претходна статија
Општина Аеродром го раскина договорот со Самсоненко за изградба на тениски центар
Следна статија
„Гранит“ основаше нова фирма во Австрија

До јануари 2019 година на македонските пруги ќе пристигнат новите електрични локомотиви

Објавено на 03.11.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Кинеската компанија ЦРРЦ Џуџоу е во активна фаза на изработка на четирите нови електрични локомотиви за Македонски железници – Транспорт. Испораката на новиот возен парк за железницата би се одвивала постепено, а од раководството на ова претпријатие очекуваат дека сите четири локомотиви ќе пристигнат најдоцна до јануари 2019 година. Електричните локомотиви ќе се употребуваат за товарниот сообраќај и ќе се движат со максимална брзина од 120 километри на час. Вакви идентични локомотиви од кинескиот производител веќе беа набавени за термоелектраната „Никола Тесла“ во соседна Србија.

 

*Дел од постојните локомотиви се обновени, но истите се произведени пред неколку децении

 

Договорот за испорака на четирите електрични локомотиви за МЖ – Транспорт беше потпишан во јануари годинава. Финансиските средства во висина од 8 милиони евра ги обезбеди Европската банка за обнова и развој преку проектот за обнова на возниот парк на Македонски железници – Транспорт. Електричните локомотиви ќе бидат изработени во согласност со постојниот систем за напојување со електрична енергија во Македонија и ќе одговараат на максималната тежина на оптеретување на нашите пруги.

 

Од МЖ – Транспорт очекуваат идните локомотиви да бидат изработени во согласност со највисоките меѓународни стандарди. „Ќе поседуваат способност да вршат и враќање на енергија во постоечката електрична мрежа во моментот на закочување“ велат за „Билд“ од МЖ – Транспорт. Повеќе технички детали за идниот возен парк ќе следуваат во наредниот период. Избраниот кинески производител во нашата земја е познат по набавката на шесте моторни гарнитури, коишто веќе сообраќаат по македонските пруги.

 

Оваа набавка на нови електрични локомотиви е прва по осамостојувањето на нашата земја. Постојните локомотиви на македонските пруги сообраќаат и по повеќе од пет децении од нивната набавка. Поради тоа, возовите често се расипуваат, додека големата потрошувачка на енергија од нив ги зголемува трошоците за работа на железничкото претпријатие.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk