Македонската влада ќе потпише два анекса на договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за довршување на автопатот Кичево – Охрид. Едниот ќе се однесува на рокот за изведба на автопатот, додека вториот договор ќе ја регулира дополнителната сума што државата ќе треба да им ја исплати на Кинезите. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска изјави дека крајниот рок за изведба на оваа делница од 57 километри може да се продолжи и до три години. Пролонгирањето на крајниот рок за изведба ќе резултира со потпишување на анексот најдоцна до 31 јануари 2018 година, кој воедно беше и датумот за завршување на оваа автопатска делница од кинескиот изведувач.
Сугарески информираше дека не е готова пресметката околу дополнителните средства што ќе треба нашата држава да ги исплати на кинескиот изведувач. Анексот ќе се потпише откако ќе се утврди целосната сума што ќе се исплати за пропустите направени при проектирањето и изведбата на автопатската делница. Првичната вредност на овој проект изнесуваше 374 милиони евра, но досегашните проценки говорат дека направените грешки при реализацијата на автопатот може да чинат и над 120 милиони евра.
Изградбата на автопатот Кичево – Охрид започна во февруари 2014 година. Овој проект од претходната влада се ветуваше како највисока инфраструктурна инвестиција на нашата земја во изминативе 50 години. Навистина, направените грешки во реализацијата на проектот, на крајот, може да го чинат државниот буџет и повеќе од половина милијарда евра. Дополнително, Специјалното јавно обвинителство за овој проект покрена обвинение „Траекторија“, за кое допрва ќе има судење на четири поранешни функционери во врска со противзаконските дејствија и пречекорувањето на овластувањата.
» Форумска дискусија за овој проект