Претходна статија
Објавени конкурси за објектите спроти хотел „Бристол“
Следна статија
Ќе се подобрува патната инфраструктура во општина Ѓорче Петров

ТЕМА: Патничкиот железнички сообраќај во статус – кво состојба

Објавено на 19.11.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Наспроти силниот развиток што го очекува воздухопловниот сообраќај со проширувањето на скопскиот аеродром „Александар Велики“ и реконструкцијата на охридскиот аеродром, купувањето на нови автобуси во јавниот автобуски превоз во Скопје и увозот на евтини половни автобуси за меѓуградскиот сообраќај, состојбата со патничкиот железнички сообраќај со години е во статус – кво. Од независноста до денес, бројот на патниците што го употребуваат возот како превозно средство е речиси идентичен, а и бројот на возови од година во година останува ист или се намалува. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во структурата на превезени патници во 2010 година железничкиот превоз учествува со само 1%, што претставува поразителен резултат во споредба со било која друга држава на европско тло, со исклучок на државите од Западен Балкан.

 

За разлика од периодот пред распадот на Југославија, кога железницата превезуваше и 5 милиони патници во некои години, податоците од Државниот завод за статистика за 2010 година покажуваат дека со воз патувале вкупно 1.512.000 граѓани. Речиси идентични се бројките на годишно ниво за 2009 и 2008 година. Од 1995 година до денес бројката на превезени лица се движи од 900.000 до 1.900.000. Убедливо најмалку лица се превезени во 2005 година (902.535 патници), а железничкиот патнички сообраќај најголем раст доживеал во периодот пред воениот конфликт од 2001 година, па така во 2000 година со воз патувале 1.882.791 граѓани.

 

Број на патници во железничкиот сообраќајСоодветно на сумата на превезени патници е и бројот на организирани патнички возови во текот на годините од осамостојувањето. Во возниот ред за 1997/1998 година биле предвидени 26 пара возови дневно од Железничката станица – Скопје, додека според возниот ред за 2000/2001 година сообраќале 27 пара возови од скопската железничка станица. Наспроти ситуацијата од пред 10 години, годинашниов возен ред предвидува од 17 до 20 возови дневно што поаѓаат од главниот град на земјава. Железничарите паметат двојно поголем број возови во периодот пред распадот на Југославија, години кога на пероните на Транспортниот центар патниците не можеле да се разминат од големиот метеж.

 

Статус – кво состојбата што ја покажуваат податоците за превезениот број патници и годишните возни редови не оди во прилог на развој на железничкиот транспорт во земјава. Реконструираните македонски аеродроми и новите летови кон странство можат да ја влошат и така тешката положба во која се наоѓа меѓународниот железнички сообраќај, а напливот на половни автобуси од странство и зголемувањето на приватните превозници можат да доведат и до намалување на бројот на патници во внатрешниот железнички сообраќај. Единствен излез од неповолната состојба во која се наоѓа патничкиот железнички транспорт е купувањето на нови дизел и електро моторни гарнитури, потег што Владата на Р.М. веќе официјално го најави и кој се очекува да се спроведе во 2013 година.

 

 

Бојан Блажевски