Претходна статија
ТЕМА: Македонија на дното според новите километри автопат во 2011 година
Следна статија
Ќе се градат две згради спроти „Бристол“, ќе се затвора Зеленото пазарче

Потврдена подршката од Светската банка за Луково Поле

Објавено на 26.09.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Светската банка ќе обезбеди најголем дел од финансиите за акумулацијата „Луково Поле“, која треба да се гради на територијата на Националниот парк Маврово, на границата на шарпланинскиот и корабскиот масив. Во проектот чија цена се предвидува да биде околу 62 милиони евра, оваа институција ќе учествува со поволен кредит од 50 до 55 милиони евра, а останатите средства ќе ги обезбеди ЕЛЕМ од сопствени извори.

 

Според планот, акумулацијата треба да почне да се гради во текот на 2012 година. Во меѓувреме, се одвиваат неопходните подготовки за реализација на проектот. Во јануари годинава во Маврови Анови беше одржана јавна дебата за неговите ефекти врз околината. Во април ЕЛЕМ веќе позајми 2,24 милиони евра од Светската Банка, за реализација на активности пред почетокот на изградбата, а кон крајот на минатиот месец компанијата потпиша договор за изработка на еколошка студија за проектот. Студијата ја изработува германската „Поири Инфра“  и треба да биде готова до април 2012 година.

 

Браната „Луково Поле“ ќе биде камено-насипна брана со централно глинено јадро. Ќе биде висока 71 метар со должина на круната од 321 метри и ќе овозможува акумулација со вкупна запремнина од 39 милиони метри кубни вода. Дел од проектот ќе биде и доводен канал „Корабски Води“, со должина од околу 20 километри. Преку него во акумулацијата годишно ќе се влеваат околу 44,5 милиони метри кубни вода. Малата хидроелектрана „Црн Камен“ ќе биде лоцирана 3 до 4 километри под браната и ќе биде со инсталирана моќност од 5 мегавати. Главна придобивка од „Луково Поле“ ќе биде тоа што водата потоа енергетски ќе се искористува и во мавровскиот систем на хидроелектрани, со што вкупниот учинок би бил околу 160 гигават часови годишно. Мавровскиот систем во сегашната состојба генерира околу 445 гигават часови годишно, што претставува над 40% од целокупното производство на хидроелектраните во државава.