Претходна статија
Камен темелник за два погони на „Мадерсон“ во Бунарџик
Следна статија
Рокот за легализација измина, казни на повидок за ескиваторите

„Фибула ер травел“ излезе со детали за хотелот што ќе го гради кај Билјанини извори

Објавено на 01.09.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Извршниот директор на македонската филијала на „Фибула ер травел“ денес излезе со подетални информации за изградбата на хотелски комплекс во Охрид на локацијата во близина на каналот „Билјанини извори“. По неколку децении, македонскиот туристички центар ќе добие хотел со 5 ѕвездички со вкупна површина од 38.227 метри квадратни, при што самиот објект ќе има капацитет од 600 до 750 соби со 1.200 до 1.500 легла. Комплексот ќе понуди затворени базени, спа – центри, фитнес сали и конгресни сали, а намерата на инвеститорот е истиот да биде отворен за туристи во текот на целата година.

 

Според информациите од „Фибула ер Травел“, вкупната инвестиција во хотелот ќе изнесува повеќе од 50 милиони евра, а инвеститорот веќе ги започнал разговорите со неколку големи хотелски компании, меѓу кои „Шератон“, „Хилтон“ и „Кемпински“.  Инвеститорот има обврска да изгради хотел со 5 ѕвездички за најмногу 6 години од добивањето на дозволата за градба, а по неговото завршување има обврска во рок од 3 месеци истиот да го брендира со име на хотелски ланец кој поседува или управува со повеќе од пет хотелски капацитети.

 

На најавата за изградба на хотелот и претходеше купувањето на градежно земјиште од страна на „Фибула ер Травел“ на крајот од август годинава. Компанијата купи две градежни парцели од 13.459 и 4.738 метри квадратни по цена од околу 20.000 евра. Во рок од една година инвеститорот ќе треба да достави банкарска гаранција, да ги плати комуналните такси и да добие одобрение за градба за сместувачкиот комплекс.

 

 

Бојан Блажевски