Министерството за транспорт и врски продаде две градежни парцели во Охрид со намена за изградба на хотелски капацитети. Локацијата е на езерското крајбрежје и покрај каналот „Билјанини извори“ (на неговата северна страна). Купувач е фирмата „Фибула ер травел“ која за парцелите со површина од 13.459 и од 4.738 метри квадратни понуди по 71 денар за метар квадратен, односно вкупно околу 20 илјади евра. Обврска на инвеститорот е да изгради хотели со пет ѕвездички и да ги брендира со име на хотелски ланец кој поседува или управува со повеќе од пет хотелски капацитети. Покрај продадените парцели, на просторот помеѓу каналот „Билјанини извори“, спортскиот центар „Атина Бојаџи“ и булеварот АСНОМ [»мапа], се планира изградба на уште два хотели.
Вчера во изјава за телевизијата „Алфа“, охридскиот градоначалник Александар Петрески се спротистави на продажбата на атрактивни парцели во Охрид од страна на државата, по почетна цена од едно евро за квадрат. Според Петрески, тој како градоначалник имал начини да ги спречи таквите продажби. Градоначалникот се надева дека после 20 септември Општината ќе се здобие со правото за располагање со државното градежно земјиште на нејзината територија.
Бојан Блажевски