Претходна статија
Привршува расчистувањето за спортски центар во Аеродром
Следна статија
Напролет ново градилиште на кејот

Почнува исцртувањето на нов ГУП за Скопје

Објавено на 20.12.2009 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

ГУП Скопје 2002-2022Наскоро ќе почне со работа комисија за определување на границата на планскиот опфат на генералниот урбанистички план на Скопје. Одлуката за формирање на комисијата беше изгласана на десетата седница на советот на градот, одржана на 24 ноември. Нејзе ќе ја сочинуваат 50 членови – по двајца претставници од 25 субјекти. Вклучени се сите скопски општини и четири градски сектори:  за планирање и уредување на просторот, за сообраќај, за заштита на животната средина и за комунални работи, а исто така и партиципативното тело за урбанизам. Ќе учествуваат и Министерството за транспорт и врски, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за одбрана, државните заводи за статистика и за геодетски работи, како и Државниот инспекторат за животна средина. Од јавните претпријатија, свои претставници ќе имаат „Водовод и канализација“ и „Паркови и зеленило“, а вклучена ќе биде и компанијата „ЕВН Македонија“.


Сегашниот генерален урбанистички план беше донесен во 2002 и требаше да има важност од 20 години, но потреба од негово менување се јави уште во 2004, кога стапи на сила новиот закон за територијална организација на Република Македонија. Одлуката да се смени ГУП-от, Советот на Град Скопје ја усвои на 24 март минатата година.


Покрај „прекројување“ на границата на планскиот опфат и припојување на Сарај, комисијата има задача новиот ГУП да го усогласи со постојната состојба во градот, да ги дефинира границите на заштитените зони, да ги третира поранешните касарни, да изработи нов транспортен модел и друго. Се најавува дека процесот ќе трае околу една година.