Просторот покрај кејот на Вардар во Општина Аеродром, на кој до неодамна функционираше голема граджна база на АДГ Маврово е речиси расчистен од времените објекти кои таму егзистираа околу три децении. При крај е и изнесувањето на шутот и другите остатоци. Со ова се обезбедуваат предуслови за реализација на неодамна донесениот урбанистички план, кој воглавно предвидува спортски и рекреативни содржини.
Локацијата е опфатена со ДУП Јане Сандански, урбана единица Г. Со него на овој простор и околината е зацртан спортски центар кој вклучува нова спортска сала, сала за хокеј и уметничко лизгање, олимписки базен, фудбалско игралиште со монтажна трибина, како и две ракометни игралишта и четири дополнителни тениски игралишта. Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, изјави дека проектите ќе ги реализираат во соработка со Агенцијата за млади и спорт. Тој најавува дека спортската сала ќе има капацитет од 4.000 гледачи, а трибината на фудбалското игралиште ќе може да прими 1.000 гледачи. Во рамките на центарот, ДУП-от предвидува и два хотели, забавен парк и подземни гаражи.
Расчистувањето започна во септември и првично беше најавено дека ќе заврши за дваесетина дена.