Претходна статија
Граѓаните чекаат последен момент за да ги легализираат дивоградбите
Следна статија
Оформен споменичниот духовен триаголник во Охрид

Ќе доцни префрлањето на државното градежно земјиште на општините

Објавено на 01.07.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Иако 1 јули беше официјалниот рок за исполнување на критериумите и за префрлање на државното градежно земјиште на општинските власти, сепак локалните самоуправи ќе почекаат на добивање на ингеренциите. Најголем дел од општините немаат исполнето еден или повеќе од условите за префрлање на државното земјиште, а општините кои ја завршиле постапката ќе мора да го почекаат формирањето на новата влада за да ги добијат надлежностите. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски на денешната прес – конференција изјави дека единствено општина Берово поднела апликација за управување со градежно земјиште.

 

Покрај Берово, општина Гевгелија преку сопствениот интернет – портал објави дека е целосно подготвена да управува со државното градежно земјиште во утврдениот рок за исполнување на критериумите. Советот на општина Гевгелија донел Програма за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во државна сопственост, а претходно се исполнети условите за воведување електронски систем за јавно наддавање и за формирање комисија која ќе ја спроведува постапката за јавно наддавање. Во Гевгелија пет општински службеници се здобиле со овластување за водење на постапката за отуѓување и давање под закуп на градежното земјиште. Од општината се надеваат дека ќе добијат 40 хектари државно земјиште, дел од нив во близина на граничниот премин Богородица и долж автопатот Е75 за изградба на туристичко угостителски објекти и спортски терени за ексклузивни спортови.

 

И од скопски Карпош се надеваат на брзо завршување на постапката за префрлање на земјиштето. Градоначалникот на општина Карпош Стевче Јакимовски вчера за „Утрински весник“ изјави дека општината ги исполнила сите услови за префрлање на државното земјиште, а проценките се дека општината ќе добие околу 100 хектари атрактивно градежно земјиште.

 

Од вкупно 84 општини во земјава и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа, само 48 општини го исполнија законскиот минимум за сертифицирани службеници кои ќе го раководат отуѓувањето и давањето под закуп на градежно земјиште. Речиси половина од македонските општини воопшто не се заинтересирани или доцнат со исполнувањето на условите за префрлање на градежното земјиште од државата на општините. Ваквите индикатори говорат дека процесот на префрлање на државното градежно земјиште на општините ќе трае подолг временски период и несомнено ќе биде пробиен рокот.

 

 

Бојан Блажевски