Претходна статија
Уште една најава за објектот „Југобанка“
Следна статија
Булевар Србија напредува бавно

Модернизација на агрегатите во РЕК Битола

Објавено на 15.12.2009 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

ТЕ БитолаА.Д. ЕЛЕМ и руската компанија „Силовие машини“ (ОАО Силовы́е маши́ны) од Санкт Петерсбург денеска потпишаа договор за модернизација на трите блока на РЕК Битола, согласно тендерот од септември 2008 година. Според договорот, руската компанија по принципот „клуч на рака“, во периодот 2010-2012 година треба да изврши модернизација и автоматизација на турбо агрегатите и генераторите на трите блока. Предвидена е модернизација на турбините со замена на постојните ротори со нови како и модернизација на виталните делови на генераторите, на системот за вибродијагностички мониторинг, на турбо агрегатите и на системот за водење на блоковите и автоматизација на процесите. Инаку компанијата „Силовие машини“ е основана во 2000 година и во нејзин состав влегол и оригиналниот производител на турбините и генераторите за РЕК Битола.


Со модернизацијата инсталираната моќност на секој агрегат треба да се зголеми за дополнителни 8,32 MW по блок, односно вкупно 25 MW за трите блока. Сегашната вкупна инсталирана моќност на РЕК Битола изнесува 675 MW. Исто така треба да се зголеми и годишното производство на електрична енергија за 160-200 GWh годишно. Ова зголемување треба да се реализира преку подобрување на степенот на корисно дејство на агрегатите и без зголемување на специфичната потрошувачка на јаглен.


Со модернизацијата исто така треба да се постигне продолжување на експлоатациониот век на термоелектраните за уште 120.000 работни часови, намалување на трошоците за одржување на блоковите, зголемена доверливост и создавање на предуслови за поквалитетна регулација и управување на системот. Трите блока во електраната се во употреба од 1982, 1984 и 1988 година редоследно за блок 1, блок 2 и блок 3. Блоковите фабрички проектирани да работат 200 илјади работни часови досега имаат изработено: 199, 188 и 159 илјади часови.


Реализацијата на проектот ќе започне во јуни наредната година. Првиот блок треба да биде  готов до октомври 2010 година, вториот ќе се модернизира во 2011, а третиот во 2012 година. Проектот ќе се одвива така што вон вообичаените периоди за ремонт нема да биде нарушено производството на електрична енергија


Вкупната инвестиција изнесува 55,9 милиони евра, од кои 35 милиони кредитно задолжување, а станатите се сопствено учество на ЕЛЕМ. Од Министерството за финансии како најдобар понудувач за кредитот е избрана Стопанска банка. Директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чингоски, најави  дека трошоците за модернизација на РЕК Битола соодветно ќе бидат третирани од Регулаторот со што ќе влијаат на цената на електричната енергија.


РЕК Битола обезбедува над 70% од домашното производство на електрична енергија. Ова е најголема инвестиција во комбинатот од пуштањето во работа на третиот блок во 1988 година.