На Националната арена „Филип Втори“ во Скопје сношти беа свечено пуштени во употреба новоизградените источна и западна трибина, со што се дооформи гледалиштето според оригиналниот концепт од 70-тите. Новите трибини имаат по 5.962 седишта и Арената сега има вкупен капацитет за 33.074 гледачи, од кои 494 се во ВИП ложата. На источната и западната трибина се поставени и два големи видео дисплеи кои воедно ќе служат како семафори, а четири помали видео дисплеи се поставени на четирите пристапни мостови кон стадионот.
Изградбата на Арената „Филип Втори“ (тогаш „Градски стадион“) во денешната форма започна во далечната 1978 година, кога во рок од две години беше изградена јужната трибина. По долг застој во реализацијата на проектот, во јануари 2008 година беше урната старата северна трибина, а новата беше промовирана на 2 август 2009 година. Потоа на 8 септември истата година беше поставен камен темелник за источната и западната трибина. Кон крајот на 2009 година стартуваше и реконструкцијата на јужната трибина, која во новото издание беше ставена во функција на 30 јули минатата година. Од 2008 навака, во стадионот се вложени околу две милјарди денари, односно 32 милиони евра.
Во следната фаза планирана е реконструкција на фудбалскиот терен и атлетската патека, додека до 2013 година треба целосно да се изгради и оспособи поттрибинскиот простор и да се изведе современо фасадно обликување на целиот стадион. Вкупната финансиска тежина на сите зафати поврзани со Арената во периодот 2008 – 2013 се проценува дека ќе достигне 50 до 60 милиони евра.
Форумска дискусија за овој проект » овде