Претходна статија
Нов Генерален урбанистички план на Прилеп
Следна статија
Дравас инженеринг гради бизнис центар во Прилеп

ОСВРТ: Капиталните проекти ни ги градат странски институции

Објавено на 18.05.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Автопати, железница, енергетски објекти се дел од капиталните инвестициски зафати од национално значење кои ни ги градат странски институции од кои прибираме донации и кредити. И малите деца во Македонија ги научија финансиските институции, како што се Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Светската банка и други. Голем дел од нив ни ги финансираат клучните проекти, додека самите од буџетски средства вложуваме малку во изградба на инфраструктурни објекти битни за целата држава.

 

Проектот „Вардарска долина“ е последниот од низата зафати кои ќе ги градиме со средства однадвор. Во 1,5 милијарди евра вредната инвестиција Македонија ќе учествува со 15% од финансиските средства, додека најголемиот товар за иградба на проектот ќе падне врз Кинеската банка за развој и Кинеската корпорација за управување со води и електрична енергија.

 

Речиси во исто време, Македонија очекува „надворешна инјекција“ за конечното завршување на делницата Демир Капија – Смоквица на автопатот во рамките на Коридорот 10. Европската комисија ќе го финансира овој проект со 45 милиони евра, Европската инвестициска банка (ЕИБ) обезбеди заем од 130 милиони евра, а се очекува и кредит од 107 милиони евра од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

 

Како делумен партнер во поделба на финансиската конструкција заедно со Светската банка (СБ), Македонија влезе со буџетски средства во проектот за изградба на делницата од автопатот помеѓу Табановце и Куманово, вреден 720 милиони денари.

 

Истовремено, имињата на странските финансиски институции ќе бидат испишани и на таблите покрај регионалните и локалните патишта во земјава, бидејќи дел од нив се изградени со финансиска помош од СБ преку Фондот за изградба на локални и регионални патишта.

 

Од државниот буџет нема да се слеат финансиски средства ниту во реконструкција на дотраената железничка пруга од Коридорот 10. Во октомври 2010 година потпишавме договор за кредит вреден 17,6 милиони евра со ЕБОР за реновирање на 53 километри од пругата долж Коридорот 10.

 

Скопската северна обиколница за време на изградбатаКако во сегашноста, така и во изминатите 20 години од независноста, речиси сите клучни инфраструктурни зафати се финансирани од меѓународни институции. Завршената обиколница околу Скопје е една таква инвестиција. Финансиските средства во вредност од 150 милиони евра се обезбедија во форма на кредити од странските ЕБОР и ЕИБ.

 

И изградбата на автопатот Скопје – Тетово ја Автопатот Скопје - Тетовофинансираше ЕИБ и СБ. Во 1997 година ни беа одобрени 23 милиони евра за првата делница, додека во јули 1998 година добивме 12 милиони евра за завршување на втората делница од автопатот помеѓу Скопје и Тетово.

 

Паралелно со финансиските средства од меѓународните институции, Македонија повлекува кредити и донации од странските влади.  Една од најголемите такви вложувања е изградбата на хидросистемот Злетовица финансиран во најголем дел преку обезбедените 80 милиони долари од јапонската влада.

 

Вложувањата на странски субјекти по пат на донации и кредити се добредојдени за развојот на инфраструктурата во Македонија. Навистина, државниот буџет не може да ги издржи стотиците милиони евра потребни за завршување на бројните капитални зафати. Но сепак, зголемувањето на државниот буџет од година во година треба да биде „иницијална каписла“ за зголемување и на процентот на капитални инвестиции предвидени во истиот, за сметка на непродуктивните трошоци, како што е зголемувањето на администрацијата и ставката на услуги.

 

Во прилог на тоа, капиталните зафати финансирани однадвор најчесто се во форма на кредити, кои преку поголема или помала камата, ќе треба да се вратат во иднина од државниот буџет. За разлика од нив, директните средства од буџетот можат да се искористат веднаш и без никакви негативни ефекти од каматите при изградбата на проекти од национално значење.

 

 

Бојан Блажевски