Претходна статија
Изградба на плоштад во Македонска Каменица
Следна статија
Стартува изнајмувањето на велосипеди

Нов оптимизам за Чебрен и Галиште

Објавено на 31.03.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

После два неуспешни тендери проследени со компликации и големи одолговлекувања, конечно попозитивна атмосфера околу двете планирани големи хидроелектрани на Реката Црна – „Чебрен“ и „Галиште“. Владата на последната седница го усвои извештајот на Комисијата за избор на концесионер за изградба на овие енергетски капацитети. Десет од вкупно 16 пријавени субјекти ја минаа претквалификационата фаза. Тие до 29 јули треба да достават понуди за изградба на хидроелектраните по принципот на јавно – приватно партнерство со „ЕЛЕМ“. Во втората фаза влегуваат компаниите „AES Electric Ltd“ од Обединетото Кралство, „Edison S.p.A“ од Италија, „Energo-Pro“ од Чешка, „EVN AG“ од Австрија, „Public Power Corporation S.A.“ од Грција, „Strabag AG“ од Австрија, како и четири конзорциуми – „China Water Electric“ и „China Three Gorges Corporation“ од Кина; „Korea South East Power“ и „Daelim Industrial“ од Јужна Кореа; „Lanco Infratech“ (Сингапур), „Korea Midland Power“ (Ј. Кореа) и „Korea Hydro & Nuclear Power“ (Ј. Кореа); „A.Porr AG“ (Австрија) и „Landsvirkjun Power“ (Исланд).

 

Во новиот тендер е задржан критериумот за инсталираната моќност, но не е точно наведена висината на браните како досега, со што на инвеститорите им се остава одредена флексибилност како ќе биде изведено техничкото решение. Финансиската тежина на проектот се проценува на 600-700 милиони евра. „ЕЛЕМ“ во него ќе учествува во делот на подготвителните активности, пристапните патишта, експроријација и подготовка на земјиштето за изградба, и со изградбата на трафостаници и приклучувањето на објектите на електроенергетскиот систем. Во влогот на „Елем“ влегува и постоечката ХЕ „Тиквеш“, која е третата и најниска хидроелектрана во оваа каскада.

 

Тековниот тендер за „Чебрен“ и „Галиште“ се спроведува со помош на консултанот „ИФЦ“ (IFC; International Finance Corporation). „ИФЦ“ се вклучи уште во текот на вториот тендер и се обиде да ги отстрани тогашните проблеми, но тендерот сепак пропадна. Од Владата се оптимисти дека изменетата тендерска документација овој пат ќе донесе позитивен резултат.