Административната зграда на Општина Центар треба да ја гради приватен инвеститор, кој за возврат ќе добие дел од објектот. Комплексот треба да никне на просторот на старите општински бараки покрај булеварот Илинден, а градежната парцела со површина од 7.528 метри квадратни се нуди на јавно наддавање по почетна цена од 6.480 денари за квадрат. Предвидена е главна класа на намена за државни институции, со алтернативни класи на намена најмногу до 40%. Маркичката за градба е со големина од 5.540 метри квадратни и катност П+4, односно максимална висина до венец која изнесува 18 метри и висина на слеме до 4,5 метри. Максималната бруто развиена површина изнесува 27.700 метри квадратни.
На конкурсот за идејно решение кој беше објавен на 15.12.2009 пристигнаа девет трудови, а комисијата не додели прва награда туку реши да откупи четири. Општината врз база на нив потоа изработила свој идеен проект, кој не беше јавно презентиран и кој е обврзувачки за потенцијалниот инвеститор. Со огласот инвеститорот исто така е обврзан доминантниот стилски израз при фасадното обликување да биде во барокен стил, иако во четирите откупени трудови немаше барокни елементи. Општина Центар презема обврска да го регулира надоместокот за уредување на градежното земјиште за делот на општинската зграда.
Најповолниот понудувач е должен да ја заврши изградбата на комплексот во рок од 6 години сметано од денот на добивањето на одобрението за градење, кое треба го обезбеди во рок од 9 месеци од потврдување на договорот за оттуѓување на градежното земјиште. Наддавањето ќе се одржи на 29.03.2011, а заинтересираните инвеститори можат да се пријавуваат во Министерството за транспорт и врски најдоцна до 22.03.2011.
Форумска дискусија за овој проект » овде