Претходна статија
„Princess“ кај Гевгелија целосно е ставен во функција
Следна статија
Презентација на можностите за инвестирање во општина Аеродром

Владата го усвои Предлог законот за третман на дивоградбите

Објавено на 16.12.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Со цел решавање на прашањето за бесправно изградените градби на територијата на државата, Владата на Република Македонија усвои текст на Предлог закон за постапување со бесправно изградени градби и истиот ќе биде предложен до Собранието. Со него се опфатени градби од значење за Републиката утврдени со Законот за градење и законската регулатива на Република Македонија, градби со намена производство, дистрибуција и сервиси (тешка и загадувачка индустрија, лесна и незагадувачка индустрија, сервиси и стоваришта), градби со намена за домување во куќи, кои се изградени без или спротивно на одобрение за градење, како и делови на градби со истите намени, кои се изградени без или спротивно на одобрение за градење. Предмет на законот се сите градби на кои до денот на неговото стапување во сила се изведени градежните и инсталатерските работи во целост и истите претставуваат градежна и функционална целина.


Со Предлог законот предвидено е надлежни органи за спроведување на постапката да бидат Мининстерството за транспорт и врски и единиците на локалната самоуправа, со тоа што Министерството ќе ја спроведува постапката за градби од значење за Републиката, а општините за градбите со намена производство, дистрибуција и сервиси и градбите со намена домување во куќи. Бесправните градби кои нема да бидат легализирани со овој закон ќе бидат отстранети согласно одредбите за третман на дивоградби во Законот за градење.


Според предложените законски решенија, постапка за легализација започнува со поднесување на барање за легализација до надлежниот орган од страна на имателот на бесправната градба, во рок од 6 месеци од денот на стапување во сила на законот при што во законот прецизно е наведено која документација треба да се приложи кон барањето. По приемот на барањето се врши идентификација на пријавените бесправни градби преку комисија и надлежниот орган е должен во рок од три месеци од поднесувањето на барањето да утврди дали се исполнети условите за издавање на урбанистичка согласност за потврдување на бесправната градба во идната урбанистичка планска документација.


Бесправната градба во зависност од видот треба да исполнува соодветни стандарди кои се однесуваат на нејзината статика, заштитата од пожар, заштитата на животната средина и здравјето на луѓето, a исполнувањето на овие станадарди се утврдува со елаборатите кои се составен дел на проектот за фактичката состојба на градбата.


По издавањето на урбанистичка согласност, единицата на локална самоуправа во рок од пет работни дена изготвува пресметка за плаќање на надоместок за утврдување на правен статус на бесправна градба и истата му ја доставува на барателот, кој е должен да го плати утврдениот надоместок во рок не подолг од 6 години.


Висината на надоместокот за утврдување на правен статус за градбите со намена домување во куќи изнесува 0,5% од вкупниот годишен приход на членовите на семејната заедница кои се корисници на објектот за кој е поднесено барање утврдување на правен статус, остварен во претходната година, помножен со вкупната површина во метри квадратни, која е утврдена со проектот за фактичка состојба. Висината на надоместокот за утврдување на правен статус за градбите со намена производство, дистрибуција и сервиси е иста со висината на надместокот за уредување на градежно земјиште кој се утврдува во постапката за добивање на одобрение за градење за градби со наведената намена и се пресметува согласно Правилникот за степенот на уредување на градежно земјиште со објекти на комунална инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоците за уредувањето во зависност од степенот на уреденост, при тоа земајќи ја во предвид изградената површина, утврдена со проектот за фактичка состојба.


По плаќање на надоместокот за легализација, надлежниот орган донесува решение за утврдување на правен статус кое претставува основ за упис на правото на сопственост на бесправната градба во јавната  книга за запишување на правата на недвижностите.


За бесправните градби за кои е издадено решение за утврдување на правен стаус, а кои се изградени на земјиште сопственост на Република Македонија, се предвидува имателите на овие градби, да поднесат барање за откуп на градежното земјиште во рок од 3 месеци од донесувањето на планската документација со која е вклопена бесправната градба. Во спротивно се утврдува долготраен закуп на градежното земјиште, на начин и под услови утврдени со Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.


Република Македонија има преземено обврски во однос на статусот на дивоградбите согласно Виенската декларација за правилен третман на бесправно изградени градби и неформални населби. Се проценува дека на територија на државата има помеѓу 200 и 300 илјади нелегални објекти по разни основи.