Претходна статија
Жителите повторно го одбранија паркот во Тафталиџе 1
Следна статија
Центарот на Гостивар ќе се трансформира според решението на проектантите од „БИНА“

Наместо пруга кон Грција, состаноци за пари во Битола

Објавено на 12.08.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Доцни изградбата на пругата од Битола до Кременица. Наместо да биде завршена до 30 јули, на терен работите уште не се стигнати до поставување на долен и горен строј долж целата траса со должина од 17 километри. Локалните подизведувачи на пругата денеска се пожалија дека „Понстрој инженеринг“, една од бугарските фирми – членки на конзорциумот, не им ги исплатила средствата. Како што јавува телевизија „Орбис“ од Битола, градежните фирми денеска имале средба со раководството на конзорциумот за да се пронајде решение на проблемот. Ако не им се исплати сработеното, подизведувачите најавуваат радикални мерки на терен.

 

На денешната средба присуствувал и менаџерот на овој проект, Валери Барбунски. „Неисплатени суми кон „Понстрој инженеринг“, „Трејс“, „Карпош“ и „Водстрој“ нема. Зошто „Понстрој инженеринг“ не сака да им исплати на подизведувачите, тоа не е мој проблем. Подизведувачите немаат никаква работа со конзорциумот, тие се подизведувачи на „Понстрој“, посочува Барбунски.

 

Додека се водат преговори за разрешување на постоечкиот проблем, изградбата на железничката врска кон Грција се наоѓа на мртва точка. Периодов на терен не се одвиваат градежни работи, а нов краен рок за пуштање во употреба на пругата не е утврден. Самите подизведувачи нема да продолжат да работат до моментот на исплата на веќе заработените средства. Во меѓувреме, бугарската фирма „Понстрој инженеринг“ е отстранета од конзорциумот што го изведува проектот.

 

Пругата Битола – Кременица им се ветува на македонските граѓани уште од пред 2009 година. По повеќегодишни одложувања на почетокот на градежните работи, реализацијата почна на 30 јануари 2015 година. Проектот е во вредност од 19,9 милиони евра, кои се обезбедени од европските ИПА фондови. Долж целата траса треба да се изведат девет помали мостови, 10 железнички премини, едно стојалиште во село Кравари и да се постави сигнална и телекомуникациска опрема. Оваа пруга треба да овозможи повторно воведување на патничкиот и товарниот сообраќај кон Грција, со максимална брзина на движење на возовите од 100 километри на час.

 

 

» Форумска дискусија за пругата Битола – Кременица