Изградбата на железничката делница од Коридорот 8 на македонско тло нема да добие финансиска поддршка од Брисел. Повеќе домашни медиуми денеска ја цитираат ваквата изјава на портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич. „Транспортниот проект кој земјата го поднесе, попознат како Коридор 8, ќе се разгледува штом ќе се адресираат проблемите во тој сектор во поглед на стратегија и координација“ истакнува Коцијанчич. Со финансиски средства од Европската унија во моментов се финансира основниот проект за пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија, како трета фаза од зафатот за железничко поврзување меѓу двете земји.
* Изградба на пругата кон Бугарија во кумановскиот регион
Од европските ИПА фондови за оваа намена веќе беа издвоени 3,5 милиони евра за подготовка на проектната документација. Дополнително, Европската банка за обнова и развој и додели на Македонија два кредити за првите две фази од изградбата на пругата кон Бугарија. Делницата од Куманово до Бељаковце беше поддржана со финансиски средства од 46,4 милиони евра, додека за сегментот од Бељаковце до Крива Паланка беа издвоени европски пари во висина од 145 милиони евра. Проценките се дека токму за третата етапа од проектот ќе бидат потребни најголеми финансии, ако се појде од сегашните проценки кои говорат дека делницата Крива Паланка – граничен премин Деве Баир ќе чини околу 330 милиони евра.
Наспроти континуираните предупредувања од Брисел дека ќе следуваат рестриктивни мерки поради нерешавањето на политичката криза, македонската влада се обидува да ја смири топката на домашен терен. Министерот за финансии Кирил Миноски во изјава за медиумите рече дека започнатите проекти со финансии од европските ИПА фондови ќе се реализираат, и покрај најавените кратења од Европската унија. Министерот Миноски тврди дека одлуката на Европската унија за повлекување на 27 милиони евра од ИПА фондовите се однесува на средства кои не се испрограмирани и договорени за конкретни проекти.