Со финансиски средства од Европската комисија и од европските ИПА фондови, македонската влада досега успеа да реконструира седум железнички станици низ земјава. Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев денеска информираше дека преостанатите четири станици кои се опфатени со проектот ќе бидат завршени во наредниот период. Во завршна фаза е реконструкцијата и модернизацијата на скопската железничка станица. Од оние објекти што треба допрва да се санираат, на ред чекаат станиците во Богомила, Чашка, Гевгелија и Битола. За железничката станица во Битола се чека стручно мислење од Управата за заштита на културното наследство, додека за реконструкција на гевгелиската станица се создадоа потребните услови со надминувањето на мигрантската криза.
Со парите од европските институции се врши комплетна модернизација и реконструкција на станиците. Градежните зафати опфаќаат реновирање на билетарите, чекалните, санитарните јазли, кровната конструкција и фасадите на објектите. Во внатрешноста на објектите се променети водоводната и електричната инсталација, а инсталирани се и системи за греење и ладење, системи за сигнализација и информирање на патниците, како и системи за подобрување на пристапноста за лицата со намалена подвижност. Со проектот досега беа опфатени железничките станици во Велес, Градско, Демир Капија, Табановце, Прилеп, Неготино-Вардар и Скопје.