Претходна статија
Догодина коцката на патот Радовиш-Струмица ќе замине во историјата
Следна статија
Заврши реконструкцијата на улицата Благоја Стефковски

Реконструкција на Коридорот 10 со европски пари

Објавено на 29.09.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Пан-европските коридориЖелезничкиот дел од Коридор 10 ќе се реконструира со средства од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Во ист ден, на 15 септември 2010 година, Собранието на Република Македонија го изгласа заемот од 17,6 милиони евра од ЕБОР, а во Белград се потпиша договорот за заем на 100 милиони евра за купување на нови локомотиви и реконструкција на неколку делници од Коридорот 10.


Главниот услов за заем на ЕБОР кон Македонија и Србија е да се реконструираат најкритичните делници од Коридорот 10. Вкупниот заем кон двете држави изнесува 52,6 милиони евра со што ќе се реконструираат 165 километри од железничкиот Коридор 10. Во Македонија е планирано да се реконструираат делниците Табановце – Куманово, Миравци – Смоквица, Згрополци – Градско и Градско – Неготино со вкупна должина од 53 километри со цел да се подигне брзината на движење на 100 километри на час. Во Србија е планирано да се реконструираат делниците Сопот – Ковачевац, Винарци – Џорџево, Мала Крсна – Велика Плана, Бујановац – Букаревац, Врањска Бања – Ристовац, Степојевац – Вреоци – Лазаревац и Голубинци – Рума во вкупна должина од 112 километри.


Рокот за завршување на реконструкцијата е 1 мај 2014 година, а отплатата на заемот ќе се врши во период од 15 години со 3 години грејс-период. Главната цел за доделување на кредитите е подобрување на железничката инфраструктура и зголемување на брзините на Коридор 10.


Покрај овој заем од Европската банка за обнова и развој, Македонија и Србија добија и други средства за реконструкција на делници од Коридорот 10. На Коридор 10 d, до 2014 година е планирано да се реконструира и делницата Битола – Кременица за железнички сообраќај со брзина од 100 километри на час со околу 11 милиони евра од фондови на ЕУ.


Во Србија во тек е искористување на кредитот од Европската инвестициона банка од 80 милиони евра за модернизација на 93 километри од Коридорот 10, меѓу кои и делницата Гиље – Параќин на пругата Белград – Ниш. За неколку месеци ќе започне модернизацијата и електрификацијата на пругата Ниш – Димитровград, за што Чешката експортна банка и одобри на Србија заем од 120 милиони евра.


Коридорот 10 е еден од паневропските коридори на Средна и Источна Европа. Започнува во Салзбург а завршува во Солун и има четири дополнителни краци од Грац до Загреб, од Будимпешта до Белград, од Ниш до Истанбул и од Велес до Игуменица. Коридорот 10 ги поврзува државите Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Македонија и Грција.



Бојан Блажевски