Градските власти на главниот град бараат идејни решенија за реконструкција на фасадите на објектите помеѓу зградата „Пелистер“ и плоштадот „Пела“, како и на зградата над кафулето „Тренд“. Сите тие треба да бидат во духот на проектот „Скопје 2014“. Претходно веќе беа распишани конкурси за фасадите на зградата „Пелистер“ и за една зграда на улицата Македонија и тие се сега во фаза на изработка на основен и идеен проект.
Со пуштањето во сообраќај на проширениот булевар Илинден, градските власти исто така најавија дека ќе организираат и финансираат обнова на фасадите на делот помеѓу Владата и фонтаната „Лотосов цвет“. За разлика од фасадите во околината на плоштадот, на оние долж булеварот не се планира менување на стилот. Засега нема никакви проценки за тоа колку ќе чини оваа иницијатива.