Денес беше пуштен во употреба булеварот Илинден на потегот од крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски до крстосницата со булеварот 8-ми Септември. Изминативе седум месеци се работеше на проширување и реконструкција на овој сегмент со должина од 2.140 метри, со што тој од тесно сообраќајно грло прерасна во современ булевар со четири коловозни ленти и зелен семафорски бран.
На проектот просечно дневно работеа околу 150 работници на главниот изведувач „Гранит“ и на подизведувачите. Во коловозот се вградени 22.700 тони асфалт и изградена е атмосферска канализација во должина од 2.313 метри и променлив профил од 400 до 1.000 милиметри. Булеварот го осветлуваат 120 столба на коишто се поставени 170 светилки со моќност од 150 до 250 вати. Изведени се 9 семафоризирани крстосници, при што се поставени 25 конзолни семафорски столбови, 35 обични семафорски столбови, 95 возачки лантерни и 76 пешачки лантерни. Поставени се и 200 сообраќајни знаци.
По должината на булеварот уредено е парковско зеленило со површина од 13.525 квадратни метри. На потегот од крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски до крстосницата кај фонтаната „Лотосов цвет“ засадени се 66, а на делот од фонтаната до булеварот 8-ми Септември засадени се 78 дрвја. За наводнување на зеленилото изведена е хидрантска мрежа во должина од 1.494 метри. Од објектот на Зоолошката градина до крстосницата со булеварот 8-ми Септември во средишниот е изградена и жардиниера со вкупна површина од 2.000 квадратни метри, за којашто се изведени дополнителни 720 метри хидрантска мрежа.
Вкупната вредност на проектот за проширување и реконструкција на Илинденска изнесува околу 201 милион денари или околу 3,3 милиони евра. Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, појасни дека првично соопштената сума била пониска бидејќи таму не биле вклучени трошоците за дополнителните работи како 42 милиони денари за атмосферската канализација, 14 милиони за семафоризација, 8 милиони за осветлување и 13 милиони за уредување на зеленило. За реализација на проширувањето на сообраќајницата извршена е и експропријација на имот во вредност од 20 милиони денари. За експроприраното земјиште се доделени три еднособни и еден двособен стан. Целосно се урнати три објекти што се наоѓаа на трасата на булеварот, а делумно се урнати четири објекти.
Градоначалникот исто така нагласи дека на булеварот нема да бидат дозволени прекопи и дека во иднина ќе се налага подземно премостување за разноразните водови. Трајановски за до крајот на годината го најави пуштањето во сообраќај на проширениот дел на булевар Србија кој се гради во моментов, а за следната година отпочнување на работите на проширување на улиците Првомајска и Митрополит Теодосиј Гологанов. Изостана најава за тоа кога ќе се продолжи со дореализација на булеварот Илинден , проект кој опфаќа проширување и продолжување на трасата кон Карпош 4 и понатака кон Волково и поврзување со северната обиколница.
Форумска дискусија за овој проект » овде