За одржување на фонтани и спомен – обележја од владиниот проект „Скопје 2014“ се проценува дека ќе се потрошат над 53 милиони денари, или околу 860.000 евра. Како и во текот на изминативе години, Градот Скопје годинава повторно избира најповолен понудувач за фаворизираните споменици од централното градско подрачје. Грижата за сите овие сегменти од „Скопје 2014“ ќе се реализира во временски период од 24 месеци. Постапката за доставување понуди од заинтересираните компании е отворена до 10 мај, за кога е предвидено нивното јавно отворање.
Со договорот што допрва ќе се склучи, одржувањето на фонтаните и спомен – обележјата од проектот „Скопје 2014“ ќе постане сам по себе милионски бизнис за приватните компании. Градските власти кон крајот на јуни 2015 година веќе ѝ исплатија 30 милиони денари на компанијата „Бетон“ од Скопје за зачувување на овие градби од македонската метропола. Една година претходно, во 2014 година беа издвоени дополнителни 325.200 евра за одржување на фонтаните и спомен – обележјата во центарот на Скопје.
Покрај мегаломанските зданија од „Скопје 2014“, останува нејасно дали со најновиот тендер ќе бидат опфатени оние споменици, спомен – обележја и бисти на познати борци од Народноослободителна борба, вклучувајќи ги тука споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк и споменикот на Обединетите работнички синдикати спроти Олимпискиот базен.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk