Претходна статија
Промовирана првата велосипедска рута од „Скопје велоград“
Следна статија
Општина Аеродром: Новите маркички се на место на трошни куќи и запуштени простори

Владата ја блокира изградбата на училиштето во населбата Капиштец

Објавено на 21.03.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за финансии и министерот Зоран Ставрески ја саботираат изградбата на новото основно училиште во скопската населба Капиштец. Ова тврдење денеска го изнесе градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски на прес – конференција одржана на локацијата каде што треба да се гради образовниот објект. „Цел месец чекаме, министерството не го потпишува документот за задолжување на општината. Шест пати го побарав министерот, но тој нема време да разговара со мене на оваа тема, седум пати нашите служби безуспешно се обидуваат да стапат во контакт со надлежните во министерството“, информираше градоначалникот Жерновски.

 

 

 

Првиот човек на Општина Центар појаснува дека потребниот документ е чиста формалност, бидејќи локалната самоуправа ги исполнува сите услови за подигнување на кредит за изградба на училишниот објект. Општина Центар го раскина договорот за кредит за изградба на „барокна“ катна гаража кај некогашна НИП „Нова Македонија“ и одлучи парите да ги инвестира во разумен проект – изградба на современо основно училиште. „За споредба, вакво исто одобрение, за само две недели, му било издадено на поранешниот градоначалник, Владимир Тодоровиќ, за изградба на „барокна“ катна гаража“, вели градоначалникот Андреј Жерновски.

 

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски посочува дека блокирањето на изградбата на новото училиште ги поминува сите граници, најавувајќи дека за една недела ќе се започне со собирање на потписи од сите граѓани на населбата Капиштец ако Министерството за финансии не го издаде потребниот документ. Општина Центар веќе го објави тендерот за изградба на новото основно училиште, а доставените понуди од градежните компании ќе се отворат на 28 март.

 

За современото образовно здание е изработена целокупната проектна документација, а локалната самоуправа во изминатиов период ја расчисти локацијата на која ќе се гради новиот објект. Новото основно училиште во Капиштец ќе има површина од 10.600 метри квадратни, со капацитет да прими 500 ученици на возраст од 6 до 15 години. Општина Центар проценува дека во новиот објект ќе биде потребно да се инвестираат околу 4,6 милиони евра, без вкалкулиран ДДВ. Образовниот објект ќе се гради без никаква помош од централната власт.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk