Државниот пат Кочани – Делчево за една и пол година треба да биде комплетно реконструиран. Јавното претпријатие за државни патишта склучило договор со компанијата „Гранит“ од Скопје за рехабилитација на патната делница во должина од 30 километри. Според објавените информации на веб – страницата на Македонска берза, за реализација на изведбените активности на овој патен правец се издвоени 369.051.205 денари (околу 5,9 милиони евра) од државниот буџет. Изведувачот на градежните работи треба да го промени постоечкиот асфалт на коловозот со нов, како и да ја санира хоризонталната и вертикалната сигнализација долж целата траса.
Реконструкцијата на државниот пат од Кочани до Делчево е дел од минатогодишната програма за работа на Јавното претпријатие за државни патишта, кое како обврска се префрла и за оваа година. Проектната документација за рехабилитација на оваа делница ја изработи фирмата „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл“ од Скопје. Тендерот за избор на градежна компанија за реализација на изведбените активности беше распишан минатата есен.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk