Претходна статија
Палатата АСНОМ подготвена да ги нагости владините функционери
Следна статија
Две постари згради во Карпош 4 ќе добијат нови фасади

Професорите бараат на УКИМ да се дискутира за двата „барокни“ факултети во кампусот

Објавено на 26.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Професорскиот пленум денес повторно го актуелизираше барањето за одржување на вонредна Седница на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во врска со почетокот на изградбата на два нови „барокни“ факултети во универзитетскиот кампус. Професорите бараат од Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски да го оствари ветувањето за одржување на вонредна седница, која и по еден месец не е познато кога ќе се одржи. „На 29.12.2015, пред одржувањето на редовната седница на Сенатот на УКИМ, дваесет и еден (21) од вас, почитувани Сенатори, го поддржаа и потпишаа барањето за јавна вонредна седница на Универзитетскиот сенат при УКИМ, со што беше задоволена статутарната определба“, истакнуваат од Професорскиот пленум.

 

* Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ)

 

 

Универзитетските професори посочуваат дека ректорот има законска обврска да закаже вонредна седница на Сенатот на УКИМ. Дел од сенаторите во изминатиов период побарале информации од Ректоратот за датумот на одржување на седницата, но не добиле одговор на ова прашање. Од Професорскиот пленум сметаат дека со ваквиот чекор на ректорот се прекршува Статутот на УКИМ. Пленумците ги повикуваат членовите на Универзитетскиот сенат на следната редовна седница, која е закажана за 28 јануари, да инсистираат на закажување на вонредна седница.

 

Како и досега, Професорскиот пленум бара на отворениот настан да се разговара во однос на три прашања, и тоа: дали имало и кој ја издал дозволата за сечење дрвја во паркот на Универзитетот, во доцните ноќни часови; дали имало официјален повик, кој го издал и заради што го издал повикот специјалната полиција да влезе на територијата на Универзитетот, во понеделникот на 14.12.2015 година; и воедно професорите бараат информација за процедурата и правната основа за започнатите градежни активности во рамките на Кампусот за општествено-хуманистички науки.

 

* Факултет за физичко образование, спорт и здравје

 

Кон средината на декември минатата година, градежната фирма „Бетон“ од Штип ја започна изградбата на двата објекти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, за кои од државниот буџет се издвоија околу 20 милиони евра. „Барокните“ зданија во универзитетскиот кампус се градат врз основа на архитектонскиот труд на авторот Жарко Чаушевски. Вкупната површина на зградите изнесува 11.238 метри квадратни, вклучувајќи ги просториите за следење на настава, професорските кабинети, подземниот гаражен простор и другите пропратни содржини за студентите и професорите.

 

Словенечкиот академик Марко Мушич, автор на оригиналниот архитектонски труд за Универзитетскиот кампус во Скопје, пред две недели во разговор за порталот „Билд“ потврди дека никој го нема исконтактирано во врска со актуелниот проект за изградба на идните две факултетски згради. „Лоцирањето на наставни содржини предвидено во внатрешниот комплекс на Универзитетскиот кампус (значи на источната страна на Ректоратот) и во влезното подрачје на Академскиот плоштад (на западната страна на Ректоратот, односно кон центарот на градот), предвиден за јавни културни и пропратни содржини, е несфатливо за мене, како што е и неприфатливо за почитувањето на основниот концепт на Универзитетскиот центар „Св. Кирил и Методиј“, нагласува архитект Марко Мушич.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk