Претходна статија
И годинава субвенции за вградување на сончеви колектори
Следна статија
Пациентите годинава ќе можат да го користат ПЕТ Центарот

Полошкиот регион треба да биде гасифициран за три години

Објавено на 25.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Тетово, Гостивар и останатите општини од полошкиот регион најдоцна до 2019 година ќе можат да ги ползуваат придобивките од користењето на природен гас. Државната компанија „Македонски енергетски ресурси“ денеска објави тендер за изградба на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар, за кој како капитален инфраструктурен проект е проценето дека ќе се одвојат 1,9 милијарди денари, односно околу 30,8 милиони евра без вкалкулиран ДДВ. Градежните работи треба да се реализираат во временски период од 36 месеци. Финансиските средства за проектот се обезбедени од подигнатиот кредит во висина од 90 милиони евра од германските Дојче банк и Ерсте група. 

 

 

 

Заинтересираните градежни компании за учество на тендерот треба да ја достават неопходната документација најдоцна до 10 март, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Доведувањето на природниот гас до Тетово и Гостивар е дел од првата фаза на владиниот проект за гасификација на Република Македонија, кој започна со изградбата на магистралниот гасовод од кумановското село Клечовце до Штип. Паралелно со одвивањето на активностите на терен, „Македонски енергетски ресурси“ кон крајот на минатата година го објави и тендерот за изградба на гасоводна линија од Штип до Неготино, која треба да резултира и со приклучување кон оваа мрежа на термоелектраната „Неготино“.

 

Гасификацијата на полошкиот регион треба да донесе бенефит на компаниите и на граѓаните, кои би добиле енергенс што е поевтин и еколошки во производствениот процес и во затоплувањето на домовите. Тетово долги години наназад е еден од најзагадените градови во Европа, што во голема мерка произлегува од работењето на постоечките индустриски капацитети и од начинот на затоплување на граѓаните. Во овој град е планирано да се издигнат нови индустриски објекти во склоп на технолошко индустриската развојна зона, која е во непосредна близина на градот. Со гасификацијата на полошкиот регион се отвора можноста за продолжување на гасоводната линија кон термоелектраната „Осломеј“, за која експертите во изминативе години ја разгледуваа можноста за нејзино модернизирање во комбинирана електрана.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk