Граѓаните на скопската општина Карпош се организираат за протести против донесувањето на ДУП-овите за населбите Карпош 4, Карпош 3 и Тафталиџе. Иницијативниот одбор на граѓани од овие три населби го најавува првиот протест за претстојната сабота, со почеток од 12 часот. Револтот против новите урбанистички планови тие ќе го изразат со блокирање на булеварот Партизански одреди кај трговскиот центар Сити Мол. На социјалните мрежи граѓаните веќе се организираат за настанот. „Да се спротивставиме на сечата на дрвја и зелени површини за сметка на нови згради. Да побараме укинување на урбанистичките планови, кои беа донесени без знаење на граѓаните, во нетранспарентна постапка“, повикуваат од иницијативниот одбор.
Граѓанската реакција доаѓа по донесувањето на урбанистичките планови за населбите Карпош 3 и Тафталиџе на почетокот од јануари годинава. Самите планови до денешен ден не се објавени на веб-страницата на Општина Карпош, со цел граѓаните да можат подетално да се запознаат со измените и дополнувањата на документацијата. На седницата не присуствуваа советниците на опозициската партија СДСМ. Само неколку денови подоцна, граѓаните од Карпош 4 повторно го искажаа своето незадоволство против предложениот Детален урбанистички план за нивната населба. Со финансиска поддршка од УСАИД, тие изработиле физибилити студија со која се укажува на недостатоците од предложените измени во урбанистичкиот план, како и Катастар на зеленило за населбата.