Скопската фирма „Синтек инженеринг“ во наредните осум месеци ќе биде задолжена за реконструкцијата на мостот „Гоце Делчев“. Оштетувањата на надворешниот дел на мостот треба приоритетно да се санираат, откако претходно истите ги утврдија стручни екипи од Градежниот факултет. Градските власти со месеци не откриваат што точно треба да се санира кај овој скопски мост, кој беше подложен на темелен реконструктивен зафат во 2002 година од француската фирма „Фресине“.
Градот Скопје за реализација на неопходните градежни активности одвои 10.599.037 денари, односно околу 170.000 евра. Санацијата на надворешниот дел од мостот ќе се спроведе врз основа на изготвената проектна документација од „ГЕИНГ Кребс унд кифер интернешнл и други ДОО“. Мостот „Гоце Делчев“ пред четири години постана дел од проектот „Скопје 2014“, со промена на дотогашната ограда и канделабри и со поставувањето на четири бронзени лавови тешки по неколку тони.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk