Постои ли уцена од Министерството за образование и наука до студентите и професорите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ)? Се поставува прашањето дали двете „барокни“ згради биле единствената опција што им ја доставило надлежното министерство на деканските управи на двата факултети. Од Министерството за образование и наука и од Факултетот за физичко образование, спорт и наука денеска ги премолчеа прашањата поставени од „Билд“ за причините поради кои досега не се изградени двете факултетски згради на други локации, и покрај тоа што неколку пати постапката за нивна изградба била започната.
Од Министерството за образование и наука денес не дадоа одговор зошто е прекината постапката за изградба на нова зграда за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во текот на 2012 година на местото на постоечките бараки на овој факултет, на атрактивната парцела од 18.358 метри квадратни на улицата Јордан Мијалков. Од надлежното министерство нема одговор зошто ја промениле локацијата за градење на факултетската зграда, и покрај фактот што студентите и професорите од овој факултет би добиле поголем и поадекватен простор за изведување на наставата во подножјето на Водно. Од МОН молчат и што ќе се прави со постоечката парцела во населбата Карпош 2, на која се наоѓаат бараките на ФИНКИ и на Факултетот за драмски уметности. На оваа примамлива локација е вцртана изградба на образовен објект со површина од 21.000 метри квадратни.
Од МОН и од Факултетот за физичко образование не даваат одговор дали со изградбата на двата „барокни“ објекти се испочитувани авторските права на архитектот Марко Мушиќ, а нема одговор ниту на прашањето зошто е дозволено кршење на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и на Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање на објекти. Од нив нема никакво појаснување зошто не е искористена можноста за воспоставување на јавно – приватно партнерство при изградбата на факултетските згради, со што би се заштедиле дури 20 милиони евра од државниот буџет за други образовни намени.
Наместо одговори на поставените прашања, деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје Вујица Живковиќ денеска посади дрвца околу парцелата на која ќе се градат двата нови објекти од владиниот проект „Скопје 2014“. „Уште денеска организиравме садење на дрвја. Овде се дел од професорите и студенти кои едногласно одлучија да дојдат со желба да си ги подобрат условите. 65 години факултетот опстојува во енормно лоши услови. Ние на многу наврати сме се бореле да го добиеме она што треба да го добиеме“, изјави деканот Вујица Живковиќ.
Во екот на садењето млади дрвја, деканот на ФИНКИ Иван Чорбев посочи дека на нивниот факултет им е битно да добијат елементарни услови за работа. Тој не одговори дали го преферира владиниот „барок“ како архитектонски стил, но посочи дека овој факултет побарал техничка документација само на внатрешноста од зградата и дека не разговарале за надворешноста на објектот, ниту пак некој побарал од ФИНКИ да дадат мислење за надворешниот изглед на објектот. Во продолжение од збирниот извештај, ви ги пренесуваме и денешните реакции од Студентскиот пленум, Професорскиот пленум и на ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за претстојната „барокизација“ на универзитетскиот кампус.
Ректорска управа на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“:
Во своето соопштение, Ректоратот на УКИМ посочува дека градежното земјиште на кое се градат двата факултети е во сопственост на државата, додека Министерството за образование и наука е инвеститор на проектот поради фактот што изградбата на овие објекти ги надминува можностите на самиот универзитет. Од УКИМ додаваат дека претстојниот градежен зафат не претставува рушење на автономијата на Универзитетот, особено кога два негови факултети имаат потреба за обезбедување на просторни услови за работа.
„Просторот на кој ќе се градат зградите воопшто не се користи од студентите на УКИМ, туку низ него минува пат кој го користи локалното население (со судска одлука), како и простор кој го користат различни девијантни групи во текот на ноќта, за што зборуваат секојдневните оштетувања на објектите, чести кражби и присуство на биохазарден материјал, кој е потенцијална опасност за сите минувачи“, се наведува во соопштението на УКИМ.
Студентски пленум:
Од Студентскиот пленум денеска излегоа со информација дека новиот објект на ФИНКИ започнал да се гради во рамки на просторот на Природно – математичкиот факултет во општина Гази Баба уште во далечната 2002 година. „Темели за идниот (за жал “небарокен”) факултет се поставени. Изградена е карабината на првиот спрат. Претседателот Борис Трајковски во 2002 година лично пресече лента за почеток на изградба на Факултетот за информатички науки. А зошто проектот се стопира и не се реализира не се дозна“, наведуваат од Студентскиот пленум. Оттаму посочуваат дека овие информации им ги дал пензиониран професор од Природно – математичкиот факултет при УКИМ.
Професорски пленум:
Во своето соопштение до јавноста, од Професорскиот пленум истакнуваат дека не смее да има поделби на академската јавност, од причина што е недозволиво во 21 – от век повеќето факултети на УКИМ да работат во во дотраени бараки и згради. Универзитетските професори се заинтересирани и волни да се изнајде решение за нивните колеги кои со децении немаат елементарни услови за работа. Од Професорскиот пленум посочуваат дека е нетранспарентна целата процедура околу одлучување за локацијата и изгледот на новите факултетски згради. Со тоа, прекршена е автономијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Од Професорскиот пленум прашуваат зошто за зградата на ФИНКИ не може да се искористи соодветна локација која е во рамките на кампусот технички факултети во населбата Карпош 2 или на друга блиска локација. „Професорскиот пленум предлага изнаоѓање на нова локација за изградба на згради на овие два факултета. Локацијата треба да е во договор со засегнатите факултети на кои ќе им се даде и некој вид на гаранција дека изградбата ќе биде завршена во целост и ќе ги задоволи нивните барања“, наведуваат од Професорскиот пленум.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk