Претходна статија
И со новите возови, ист возен ред за 2016 година
Следна статија
Профункционира новиот објект на Институтот за белодробни заболувања во Козле

Студенти протестираат, партии реагираат, деканите се бранат за „барокните“ факултети

Објавено на 13.12.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По вчерашното ноќно сечење на дрвјата во рамките на универзитетскиот кампус на УКИМ, денеска екипи на „Бетон“ – Штип забрзано го расчистуваат теренот, со цел што побрзо да се постави камен – темелникот за двете нови „барокни“ згради на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Во изминативе два дена пристигнаа жестоки реакции од различни политички партии, студентски организации, интелектуалци и декани на скопскиот универзитет, кои редакцијата на „Билд“ делумно ви ги пренесува во наредните параграфи:

 

 

Младинска организација „Мугра“:

 

Во официјалното писмо до Министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми, од младинската организација „Мугра“ посочуваат дека изградбата на двата „барокни“ факултети е избрзана, несоодветна, недоволно подготвена и ретроградна. Оттаму посочуваат дека брутално е прекршена автономијата на универзитетот, како и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање на објекти, прекршени се авторските права на авторот на изворното идејно решение Марко Мушиќ, а нарушена е и животната средина.

 

Од „Мугра“ посочуваат дека законски е пропишано при оформувањето на градежна парцела за објекти од високо образование да се почитува минималната површина од 30 метри квадратни по студент/ка, што во овој случај не е направено. Од министерот Адеми тие бараат покана за средба, за да ги изложат проблематичните точки од владиниот проект вреден 20 милиони евра.

 

 

Студентски пленум:

 

Студентскиот пленум во текот на вчерашниот ден организираше дебата на тема „Што ли ќе се гради во нашиот двор?“. На дебатата присуствуваа студенти, професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и деканите на ФИНКИ и на Факултетот за физичко образование. Поради очигледното нарушување на автономијата на скопскиот универзитет, од Студентски пленум во наредните денови ќе преземат чекори за спротивставување на упадот во универзитетскиот кампус. Вчера тие најавија дека ќе поднесат пријава до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам поради констатирани нерегуларности во овој проект.

 

 

Министерство за образование и наука:

 

Од надлежното министерство во изминативе денови беше објавено само едно соопштение на оваа тема. Оттаму посочуваат дека изборот на најповолен понудувач за изведба на двете „барокни“ згради е спроведен законски, врз основа на критериумот најниска цена. „Повеќе од јасно е дека изнесените невистини покажуваат елементарно непознавање на Законот за јавни набавки и дека се работи за политички обид за дискредитација на еден од капиталните инфраструктурни проекти на Министерството за образование и наука, кој на многу сегашни и идни генерации академски граѓани ќе им обезбеди соодветни услови за реализација на наставата“, истакнуваат од ова министерство.

 

 

Факултет за физичко образование, спорт и здравје:

 

Во изјава дадена единствено за провладините медиуми, деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје Вујица Живковиќ денес посочи дека тој побарал од Министерството за образование и наука да направи увид во состојбите и да помогне во деценискиот проблем за решавање на проблемот со сместување на факултетот. Деканот Живковиќ вели дека целиот персонал на факултетот бил едногласен дека е време да добијат соодветни услови за работа во нови простории, по што изготвиле идејно решение за кое надлежното министерство распишало тендер.

 

 

Политички партии:

 

Од ВМРО-ДПМНЕ викендов излегоа со став дека студентите од двата факултети на УКИМ користеле простории во три различни факултети, односно дотраени бараки под сите стандарди. Поддржувајќи го проектот, од владејачката партија посочија дека со изградбата на двата „современи“ објекти ќе се овозможи студентите да ги надминат просторните проблеми и ќе се обезбедат најсовремени услови за студирање.

 

Наспроти нив, од опозициската партија СДСМ излегоа со соопштение дека самата ВМРО-ДПМНЕ ја потврдила катастрофалната состојба во која што учат и работат студентите во изминативе 10 години. Тие порачаа дека премиерот Никола Груевски потрошил 630 милиони евра за споменици, а притоа не е изграден ниту еден студентски дом.

 

Во текот на викендов, со своја негативна реакција за претстојната „барокизација“ на кампусот на УКИМ излегоа и помалите политички партии: Левица, ВМРО-НП и ДОМ. „ДОМ протестира против сечата во кругот на Универзитетот и против самата идеја да се гради таму. Со кое право Владата одлучува што ќе има во кругот на Универзитетот и ја гази неговата автономија? Со кое право пак Универзитетот прифаќа ваква узурпација? Каде е согласноста на универзитетската управа, на професорите, на студентите?“, порачуваат од македонската партија на зелените.

 

 

Подготви: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk