Министерството за здравство повеќе од 20 месеци доцни со почетокот на изградбата на новиот Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Овој огромен временски период зад себе остави единствено срушени постоечки објекти на клиниките и делумно изработена проектна документација за најголемата здравствена установа во земјава. Судејќи според тековните тендери за изготвување на неопходните проекти, извесно е дека камен-темелникот на здравствениот комплекс нема да биде поставен ниту во текот на наредните неколку месеци.
Надлежното министерство дури деновиве ги објави огласите за пронаоѓање на проектантско биро што ќе ја изработи документацијата за рушење на постојни објекти, дислокација на постојни инсталации и за изведба на инсталации за напојување на објектите во периодот на градба на новиот Клинички центар. Од Министерството за здравство бараат и адекватен субјект што ќе обезбеди проект за времен сообраќаен режим во месеците кога ќе се изведуваат градежните работи во склоп на Клиничкиот центар. Не е изработена ниту проектна документација за инфраструктура, инфраструктурни објекти, партерно уредување и за хортикултурно уредување. За сите овие тендери се чека до почетокот на ноември за да се одбере најповолен понудувач.
Судејќи според доцнењето кај фазата за изработка на документацијата, новиот Клинички центар нема да биде изграден во ветениот период до 2017 година. Идејното решение за здравствениот комплекс е веќе изработено од италијанската фирма „Арен С.Р.Л“, додека изминатиов период беше извршена и ревизија на подготвената проектна документација.
Новиот клинички центар „Мајка Тереза“ е зацртано да се простира на површина од 61.500 метри квадратни. За проектот тежок 70 милиони евра се обезбедени финансиски средства од Банката на Советот на Европа. Во новото здание ќе бидат сместени сите постоечки клиники, со исклучок на Клиниката за инфективни болести, Клиниката за детски болести, Стоматолошката клиника и Клиниката за максилофацијална хирургија, кои ќе останат во сегашните згради. Планирано е новиот објект да биде поврзан со постоечките згради на Хируршките клиники, новата Клиника за гинекологија и Клиниката за онкологија.
» Форумска дискусија за Клиничкиот центар во Скопје
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk