Наместо да биде во сопственост на државата, македонската влада разгледува опција за префрлање на сопственоста на идната марина и градското пристаниште во Охрид на приватен инвеститор. Министерството за транспорт и врски денеска го објави повикот за пронаоѓање консултантска куќа што ќе изработи студија за оправданоста од доделување на договор за воспоставување на јавно – приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на марина и градско пристаниште во Охрид. Проценетата вредност на документот изнесува 1.000.000 денари, без вклучен ДДВ.
Со најновата одлука на надлежното министерство, се поддржува иницијативата за издигнување на објекти на локалитетот Студенчишко блато и истата практично влегува во нова фаза на реализација. Како што веќе беше потврдено, новата марина на Охридското езеро е замислено да се гради на потегот помеѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“. На оваа локација ќе се паркираат чамците и јахтите што пловат во Охридското езеро, при што е замислено целиот комплекс да има и придружни објекти што би му носеле профит на инвеститорот. Веднаш позади најавената марина, на местото на Студенчишко блато е планирано да се изгради луксузна населба со хотели, ресторани, резиденцијални објекти и апартмани.
И покрај сесрдната поддршка од македонската влада и од Општина Охрид, во изминатиов период бројни научници, невладини организации и еколошки здруженија се спротивставија на идејата за уништување на Студенчишкото блато. На интернет е објавена и меѓународна петиција за спас на Охридското езеро, со која се бара од премиерот Никола Груевски и од охридскиот градоначалник Никола Бакрачески да го спасат од уништување Студенчишкото блато, и заедно со овој локалитет, Охридското езеро.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk