Од првично предвидените 15.000 метри квадратни, новиот објект во кој ќе биде сместена општинската зграда на Ѓорче Петров на денешната презентација ја доби површината од дури 30.000 метри квадратни. На потпишувањето на договорот за јавно – приватно партнерство во јуни 2013 година, од скопската општина Ѓорче Петров информираа дека приватниот инвеститор ќе добие 11.400 метри квадратни, додека локалната самоуправа за административен простор ќе може да задржи 3.600 метри квадратни. По повеќе од две години поминати во бавна реализација на проектот, градоначалникот на Ѓорче Петров Сокол Митровски денеска повтори дека за локалната администрација ќе биде обезбеден простор од 3.600 метри квадратни.
Но, наспроти идентичната површина што ќе и ја додели на локалната самоуправа, приватниот инвеститор „Трансмет“ сега планира да изгради објект со површина од 30.000 метри квадратни. Во планираната бруто површина на зданието е предвидено да се сместат трговски центар, деловен центар, подземен паркинг со капацитет од 350 возила и споменатиот простор наменет за локалната администрација. Од кои причини е зголемена вкупната површина на објектот, денеска не соопштија ниту од скопската општина Ѓорче Петров, а ниту пак од инвеститорот во „Емпорио“.
Од она што досега е познато, објектот ќе се состои од трговски центар со три нивоа, во кои ќе има голем супермаркет, дрогерија и други содржини што допрва ќе се соопштат. Бизнис центарот ќе зазема површина од околу 6.000 метри квадратни, при што истиот е најавено дека ќе биде прв специјализиран за сместување на компании од информатичката технологија.
Покрај тоа што вкупната површина на ова здание е драстично зголемена во споредба со првично потпишаниот договор, за забележување е дека неговата изградба ќе доцни неколку месеци. Наместо првично ветениот датум од јуни 2016 година, општина Ѓорче Петров ќе добие нови простории за административците до првата половина од 2017 година.
» Форумска дискусија за овој проект
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk