Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Се сечат дрвја кај МОБ, нов „барокен“ објект на повидок
Следна статија
Скопското кале полека умира со недоизградените музеи

Равенка со многу непознати е новиот „барокен“ објект на АДСДП

Објавено на 07.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонскиот премиер Никола Груевски и директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов денеска го поставија камен – темелникот на новата административна зграда на ова акционерско друштво, која ќе се гради на просторот на паркот кај објектот на Македонска опера и балет. За изградба на новата зграда од проектот „Скопје 2014“ ќе се потрошат 520 милиони денари во наредните две години. Зградата со шест ката и површина од 6.400 метри квадратни треба да обезбеди канцелариски простор за 180 вработени на АДСДП. Дополнително, предвидени се девет деловни простории од 408 метри квадратни наменети за давање под закуп на приватни субјекти.

 

 

 

„Проектите како овој се одличен чекор напред кон модернизација на државниот апарат. Во таа насока од година во година го намалувамe бројот на институции за кои се плаќа кирија, сместени во дотраени објекти од времен карактер и во кои е тешко да се обезбедат добри услови за работа“, истакна во својот говор премиерот Груевски. Директорот Цветко Грозданов рече дека изградбата на објектот ќе претставува оправдано економско вложување на подолг временски период.

 

Но, дали тврдењата за надминување на проблемот со кирии и проблемот со енергетска ефикасност се вистинската причина за изградба на овој објект? Според важечката регулатива, секое ново здание на територијата на земјава мора да ги испочитува пропишаните барања за енергетска ефикасност, за што на крајот од изградбата треба да добие и енергетски пасош. А токму такви објекти требаше да бидат двата новопланирани објекти, на местото на некогашните бараки на АДСДП во населбата Дебар Маало. На оваа исклучително атрактивна локација од 5.675 метри квадратни е лоцирано градежно земјиште за подигање на две згради со приземје, четири ката и поткровје, со намена за комерцијални и деловни дејности.

 

Од целокупниот канцелариски простор со површина од 19.395 метри квадратни, АДСДП можеше да обезбеди бесплатни канцеларии преку јавно – приватно партнерство со домашен или странски партнер. Кон крајот на ноември 2012 година за оваа цел беше распишан оглас за продажба на примамливото земјиште, со кое акционерското друштво требаше да добие без пари дури 4.000 метри квадратни за сместување на вработените. Засега никој од надлежните институции не излегува со информации зошто не е реализиран овој проект.

 

На денешниот настан со своја реакција се јавија и од опозициската партија СДСМ. Тие велат дека премиерот Никола Груевски се занимава со луксуз и раскош на барокни згради, наместо со реалните потреби на граѓаните. „За канцеларии на 180 административци воопшто нема потреба да се потрошат над 8 милиони евра, пари на граѓаните. Нови простории за АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор може да се обезбедат со многу помалку пари, преку поскромен објект, современ и енергетски ефикасен, согласно најновите стандарди“, истакнуваат од СДСМ.

 

Новата административна зграда на АДСДП ќе ја гради фирмата „Декон-Ком“ од Скопје, врз основа на изготвеното идејно решение на авторот Жарко Чаушевски и по основен проект на студиото „Архитектоника“ од Скопје. До денешен ден пред македонската јавност не е претставен архитектонскиот труд за идниот објект, ниту пак е образложено од кои причини мора од сите страни да се огради објектот на Македонската опера и балет.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk