Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) денеска ги повика сите свои членови да ја бојкотираат традиционалната манифестација „Архитектура на град Скопје“. Ваквата одлука доаѓа откако вчера Градот го објави повикот за учество во архитектонскиот настан АСК 2015. Во соопштението на ААМ се вели дека градската власт е директен соучесник на сето она што му се случува на централното градско подрачје со реализацијата на проектот „Скопје 2014“.
„Поради сето она што се случува со архитектурата, урбанизмот, архитектонското творештво и архитектонско наследство, особено во централното градско подрачје каде Градот Скопје е најдиректно инволвиран, ААМ смета дека е хипокризија да се учествува на оваа манифестација распишана од институција која ниту почитува, ниту вреднува квалитетно архитектонско творештво. За да биде хипокризијата уште поголема никогаш до сега ниту еден објект од проектот „Скопје 2014“ не бил учесник на АСК, манифестација организирана од институција која е една од најголемите поддржувачи на „Скопје 2014“. Град Скопје и колегите архитекти вработени таму секогаш се подготвени без поговор да ги спроведат сите потребни акти за архитектонска и урбанистичка интервенција во централното градско подрачје“.
„Поради непочитување на архитектонската професија и елементарните начела на архитектонската наука, ААМ ги повикува своите членови да ја бојкотираат манифестацијата. ААМ смета дека Градот Скопје нема ниту стручност да процени, ниту мудрост да препознае, ниту став и храброст да вреднува квалитетно архитектонско творештво“, нагласуваат од ААМ.