Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Мавровското езеро доби нова пешачка патека, но и проблеми со неа
Следна статија
Легализацијата на дивоградбите се дави во проблеми

Леарницата во Пробиштип немало да ја загадува околната средина

Објавено на 24.08.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Руската компанија „Кранфилд Фаундри“ ја достави Студијата за оценка на влијанието врз животната средина од планираната леарница за железо и производи од железо. Во објавениот документ се вели дека влијанијата врз животната средина поврзани со предложениот проект биле идентификувани, при што се открило дека тие се „во согласност со барањата на релевантните македонски прописи и најдобрите меѓународни практики“. Врз основа на изработениот документ, Министерството за животна средина и просторно планирање во наредниот период треба да одлучи дали ќе му издаде интегрирана еколошка дозвола на инвеститорот, или пак, ќе се заложи за стопирање на проектот.

 

 

 

Изработената студија посочува дека инвеститорот внимателно одбрал локација и техничко – технолошки решенија за производство, кои заедно со идентификацијата на сеопфатниот пакет на мерки за ублажување, значително ќе ги намалеле потенцијалните ефекти врз животната и социјалната средина. „Наодите на оваа оцена на влијание врз животната средина укажуваат дека е исполнета целта на проектот за идентификување на технички остварливо и економски одржливо решение, кое во целина предизвикува минимални нарушувања врз животната средина и влијание врз луѓето кои ќе работат и живеат во околината на проектот“, се наведува во заклучокот од публикуваната студија. Воедно, авторите на студијата посочуваат и шест точки кои служат како оправдание за изградба на овој објект од тешката индустрија.

 

Во делот на загадувањето на воздухот, авторот на студијата пресметал дека дури и во критични услови, ќе има мало до незначително влијание врз квалитетот на воздухот во непосредната околина, додека во пошироката околина на Пробиштип загадувањето би било незначително. На сличен начин е опишано и влијанието врз животната средина од бучавата, загадувањето на површинските и подземните води, како и можноста за влијание врз растителните и животинските видови. Објавениот документ е подготвен врз основа на изработената проектна документација за леарницата од страна на холандската фирма GEMCO ENGINEERS BV.

 

И покрај сите овие констатации наведени во Студијата за оценка на влијанието врз животната средина, засега останува нејасно зошто дел од провладините медиуми тврдеа дека во леарницата нема да има никаква топилница. Според официјалната документација, индустрискиот комплекс ќе се состои од пет дела: топилница со индуктивни печки и затворен склад за секундарно железо, административна зграда, погон за компјутерска машинска контрола, линии за производство на калапи и постројка за пескарење со површина од околу 15.000 метри квадратни. Притоа, вкупниот инсталиран капацитет за топење на секундарно железо ќе изнесува 100.000 тони на годишно ниво.

 

Како образложение дека нема да ја загадува околната животна средина, инвеститорот најавува дека опремата за топилницата во комплексот ќе се обезбеди од германската фирма OTTO JUNKER GMBH, додека линијата за производство на калапи и јадра ќе ја обезбедела данската компанија ДИСА. Во овој објект од тешката индустрија е најавено дека ќе се вложат околу 15 милиони евра, во замислените две фази од неговата изградба. Договорот за изградба на леарницата се потпиша кон крајот на јули годинава, настан на кој присуствуваше и македонскиот премиер Никола Груевски.

 

И покрај помпезната најава на инвестицијата, граѓаните на Пробиштип веќе подолг период наназад активно се спротивставуваат на ваквата идеја преку социјалните мрежи. На „Фејсбук“ се основани две групи „Да го спасиме Пробиштип од изградба на челичарница“ и „НЕ за Челичарницата во Пробиштип“. Истовремено, оформена е електронска петиција против изградбата на објектот, на која може да се потпише секој граѓанин.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk