Претходна статија
Ќе се подготви техничка документација за целосна санација на домот „Гоце Делчев“
Следна статија
„Гранит“ со четири нови зделки за патната инфраструктура

Најавена изградба на леарница во Пробиштип, граѓаните се противат!

Објавено на 29.07.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Официјална визуелизација на предвидениот објектНова леарница за производство на челик и челични производи ќе се гради во Пробиштип. Индустрискиот објект, за кој инвеститорот тврди дека ќе применува т.н. зелена технологија, ќе се состои од хала за топење на челик, машинско одделение, технолошка линија за леење, постројка за подготовка на песок за калапи и административна зграда. Владата денеска потпиша договор за изградба на леарница со руската компанија „Кранфилд Фаундри“, настан на кој присуствуваше и премиерот Никола Груевски. Ветувањата се дека во овој проект ќе се инвестираат 15 милиони евра, со што е предвидено да се отворат нови 280 работни места во Пробиштип.

 

Во документот „Известување за намера за спроведување на проект Леарница за челик и производство на челични производи во општина Пробиштип“ објавен на општинска веб – страница се наведува дека објектот од тешката индустрија би се градел на локалитетот Неокази, локација која што се наоѓа на 1,5 километри воздушна линија од најблиските куќи во Пробиштип. Проектот предвидува користење на отпадно железо и челик како секундарна суровина во производствениот процес. Во технологијата на топење ќе се користат индукциски печки, за кои во документот се наведува дека имаат еко прифатливи карактеристики. Индустрискиот комплекс би се градел на површина од околу шест хектари.

 

И додека се одвива постапка за почеток на изградбата на новата леарница во Пробиштип, дел од граѓаните веќе неколку месеци се спротивставуваат на ваквата идеја. На социјалната мрежа „Фејсбук“ се активни две групи „Да го спасиме Пробиштип од изградба на челичарница“ и „НЕ за Челичарница во Пробиштип“ преку кои се собираат потписи за петиција против изградбата на леарница.

 

 

Бојан Блажевски