„Барокни“ фасади во најразлични бои ги прекрија постарите објекти лоцирани долж главните пешачки зони во центарот на Скопје. Градската власт го менува изгледот на зградите, притоа реконструирајќи ја само предната страна на објектите на улиците „Никола Вапцаров“, „Димитрие Чуповски“ и „Македонија“. Во моментов е започната интервенција врз надворешниот изглед на 15-тина згради, од кои повеќето се наоѓаат на улицата „Никола Вапцаров“. Две од започнатите згради веќе го имаат добиено замислениот лик, додека градежните работи на уште неколку објекти влегуваат во завршна фаза.
Улица „Никола Вапцаров“:
На самите градилишта се изведуваат „барокните“ фасади од проектот „Скопје 2014“, но без притоа да се почитуваат мерките за енергетска ефикасност. Имено, со делумна реконструкција на фасадите не е возможно да се испочитува заштедата на топлинската енергија во зградите, за чие спроведување е неопходна целосна санација на надворешните површини. „Билд“ на лице место увиде хаотична ситуација – паралелно со реконструкцијата на челните фасади, истите објекти од задните страни се наоѓаат во катастрофална состојба.
Улица „Македонија“:
На дел од зградите лоцирани на улица „Македонија“ целосно им е падната изворната фасада, додека на некои згради се извршени доградби без завршно фасадно обликување. Дотраениот малтер паѓа од објектите, со што се создава непосредна опасност пешаците. На замислениот „барок“ од предната страна не му бега дополнителна илуминација, но затоа пак на просторот позади овие објекти во доцните вечерни часови му недостига осветлување. Еден краток поглед кон овие објекти е доволен за да се види дека е неопходно и бојадисување на надворешните површини, кои најверојатно последен пат виделе нова боја при нивната изградба.
Улица „Димитрие Чуповски“:
Половичното фасадно уредување на зградите во центарот на Скопје го реализира градската власт, со буџетски средства кои се делумно префрлени од Владата. Во градежниот зафат се ангажирани неколку градежни компании, меѓу кои „Бауер БГ“ од Скопје, „Пелагонија“ од Гостивар, „Жикол“ од Струмица, „Урбан Инвест“ од Кавадарци и „Трансмет“ од Скопје. Најголем дел од овие објекти се реконструираат врз основа на идејните решенија на авторите Жарко Чаушевски и Звонко Ставрески, во чии професионални биографии се запишани и бројни други архитектонски решенија од проектот „Скопје 2014“. За остварување на замислените фасадни решенија, фонтани и споменици по вкусот на владејачкиот политички естаблишмент, само од градскиот буџет се издвоени 14 милиони евра за 2015 година.
Текст, фото: Бојан Блажевски