По повеќе години минати во протести и дилеми околу изведбата на регионалниот водовод Патишка река, општина Сопиште денеска го распиша огласот за избор на градежна компанија што ќе го изведува системот за снабдување со вода за пиење на дел од населените места во оваа локална самоуправа, вклучувајќи ја и идната луксузна населба Сончев град. Водоснабдителниот систем ќе се изведува во временски период од 18 месеци, додека неговата вредност е проценета на 258.124.000 денари (над 4,1 милиони евра), без вклучен ДДВ. Отворањето на понудите е закажано за 26 јуни.
Преземањето на дел од водниот потенцијал од регионот Патишка река веќе неколку години предизвикува протести и тензии помеѓу населението од тамошното село и локалната самоуправа од Сопиште. Идејата за изградба на овој инфраструктурен проект е стара повеќе од седум години, но нереализирана до моментот на отпочнување на реализацијата на проектот „Сончев град“. За потребите на оваа луксузна населба, како и за останатите населени места во Сопиште, веќе се гради нов регионален пат преку планината Водно и канализациона мрежа.