Започнат со изведба на почетокот од јули 2014 година, проектот за реконструкција и проширување на улицата „Јордан Мијалков“ во центарот на Скопје сè уште не е комплетиран. Реализацијата на овој инфраструктурен објект доцни веќе четири месеци, со што е пролонгирано и надминувањето на постоечкиот сообраќаен метеж што секојдневно се создава на оваа сообраќајница во близина на Клиничкиот центар. Од Градот Скопје за „Билд“ велат дека одолговлекувањето со градежните работи е поради временските услови кои влијаат врз намалување на интензитетот на планираните активности.
Градските власти се надеваат дека реконструкцијата и проширувањето на улицата „Јордан Мијалков“ ќе заврши до крајот на мај. Периодов паралелно се работи на реконструкција на комплетната водоводна мрежа со сите постојни приклучоци и на дел од канализационата мрежа. Во претстојните месеци ќе се изврши изградбата на трета коловозна лента со улично осветлување, но и на сервисна коловозна лента со паркинг. Коловозот на оваа скопска сообраќајница се проширува на потегот од крстосницата со улицата Герман до пред крстосницата со улицата Павел Шатев, во должина од околу 550 метри.
Финансиската конструкција за проширување на улицата „Јордан Мијалков“ изнесува 47 милиони денари. Изведувач на градежните работи е фирмата „Пелагонија“ од Гостивар, додека јавното осветлување ќе го постави фирмата „Дигитал“ од Струмица.
» Форумска дискусија за овој проект
Текст, фото: Бојан Блажевски