И по три години од потпишувањето на договорот за изградба на подземната сообраќајница позади Музејот на град Скопје и „Рамстор“, на терен не се одвиваат никакви градежни активности. Единствената работа што се заврши во изминатиов период е рушењето на некогашните градби на просторот, по што овој дел од центарот на Скопје постана место кое служи за фрлање на отпадоци од несовесните граѓани. Турската компанија „Лимак“ на оваа локација треба да ја изгради подземната сообраќајница во должина 800 метри, со три коловозни ленти во секоја насока, со која треба да се реализира дел од трасата на Јужен булевар.
Од Град Скопје за „Билд“ информираат дека инвеститорот во моментов ги реализира постапките за добивање на одобренија од општина Центар, по што ќе ја поднесе целокупната документација за издавање на градежна дозвола. Кога станува збор за изготвување на архитектонско – урбанистичкиот проект за подземната сообраќајница, од градската власт ги пренасочуваат прашањата кон инвеститорот. На веб – страницата на турската компанија „Лимак“ е впишан капиталниот проект со површина од 330.000 метри квадратни. Објавените информации од нивна страна говорат дека севкупните работи за реализација на проектот се започнати во 2013 година, додека подземната сообраќајница заедно со објектите за колективно домување, трговските и деловните центри и хотелите ќе се завршат најдоцна до 2017 година.
Првичните најави од Градот Скопје беа дека изградбата на подземната сообраќајница ќе почне најдоцна до март 2013 година. Инвеститорот тогаш најави дека најпрво ќе се гради булеварот, а потоа ќе почне и изведбата на надземните објекти. „Со овој договор почнува реализацијата на проектот за Јужен булевар во Скопје. Градот Скопје во наредниов период ќе почне да прави проекти за продолженијата на подземната сообраќајница и нејзиното поврзување со булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов“ изјави скопскиот градоначалник Коце Трајановски во март 2012 година.
Пред потпишувањето на договорот со Град Скопје, турски „Лимак“ на крајот од февруари 2012 година ја купи градежната парцела со површина од 31.929 метри квадратни, која се наоѓа зад Музејот на град Скопје. Локацијата за градење беше продадена по цена од 6.000 денари за метар квадратен, односно за околу 3,2 милиони евра, при што инвеститорот се обврза дека на свој трошок ќе ја изгради подземната сообраќајница во должина од 800 метри.
» Форумска дискусија за урбаните автопати во Скопје
Бојан Блажевски