Приватниот инвеститор на „барокниот“ деловен објект на плоштадот „Македонија“ ќе биде ослободен од плаќањето на 50% од надоместокот за уредување на градежно земјиште, со што градската каса ќе остане покуса за 9,4 милиони денари. Советот на град Скопје денеска ја донесе одлуката за ослободување од оваа обврска, врз основа на барањето од 24.11.2014 година на инвеститорот „Амадеус девелопмент“ ДООЕЛ. Одлуката ја донесоа мнозинството советници од владејачката коалиција, додека опозицискиот Социјалдемократски сојуз се спротивстави на овој потег.
„За прв пат во историјата, Коце Трајановски сака да донесе одлука за ослободување од плаќање на комуналии на приватен инвеститор за деловни простории и хотел. Се работи за објект кој е на плоштадот „Македонија“ и кој претставува продолжување на „Скопје 2014“. Објектот е поврзан со контроверзните Шпански скали кои ВМРО-ДПМНЕ не успеа на насилен начин да ги внесе во Деталниот урбанистички план“, се наведува во соопштението на СДСМ. Тие истовремено посочуваат дека скопскиот градоначалник треба да објасни кој е јавниот интерес на овој објект, напоменувајќи дека постои можност пред советниците во наредниот период да биде доставена одлука за прием на споменик Шпански скали од приватен инвеститор.
Атрактивната градежна парцела од 1.046 метри квадратни беше отуѓена од Министерството за транспорт и врски во октомври 2013 година, по цена од 93.100 денари за метар квадратен, односно вкупно околу 1,6 милиони евра. Објектот со деловни и комерцијални намени ќе има приземје и три ката, вклучувајќи ја и можноста заизведба на т.н. „шпански скали“. Идејното решение во „барокен“ стил го обезбеди Министерството за транспорт и врски, а до денешен ден не е објавен архитектот кој го изработил.