Продолжува спорот помеѓу властите на национално и на локално ниво околу најавената изградба на катна гаража во „барокен“ стил кај Автомакедонија, спроти Старата железничка станица. Скопската општина Центар денеска излезе со информации дека Министерството за транспорт и врски и Државниот управен инспекторат инсистираат на реализација на проектот. Државниот управен инспекторат го задолжил градоначалникот на Центар Андреј Жерновски да постапи по решението на министерот, кој пак му дава право на тужба до Управен суд во рок од 30 дена.
„Управната инспекција осум пати доаѓаше во општина Центар, да интервенира за да се создадат сите услови како би почнала градбата“, наведуваат од општина Центар. Оттаму додаваат дека Дирекцијата за заштита и спасување го променила правилникот со кој се определуваат стандардите за заштита при пожари и евакуација на населението, по што било издадено позитивно мислење по основ на проектот, за веднаш потоа да го врати правилникот во првобитна состојба.
Градоначалникот Жерновски во септември 2014 година ја стопираше изградбата на катната гаража преку поништување на правосилноста на одобрението за градење на објектот. Градежното земјиште со површина од 1.245 метри квадратни беше продадено во јуни 2012 година, а купувач беше фирмата „Никофон“. На локацијата е предвидено да се подигне осумкатна катна гаража со висина од 25 метри. Од општина Центар потенцираат дека постапуваат по барање на незадоволните граѓани од околните згради, кои се противат на изградбата на овој објект.