Сопственикот на компанијата „Тинекс“ Владимир Тодоровиќ и градоначалникот на општина Прилеп Марјан Ристески потпишаа договор за продажба на градежно земјиште наменето за изградба на трговски центар во центарот на Прилеп. Парцелата со површина од 1.617 метри квадратни се наоѓа кај некогашниот пазар за сирење и истата во неколку наврати беше нудена на инвеститорите преку огласи. Вкупната вредност на отуѓената локација изнесува околу 29 милиони денари.
„Очекувам инвестицијата да биде од 2 до 3 милиони евра во зависност од проектот за објектот. Можеби ќе дојдеме до простор од 2.000 метри квадратни надземно и со можни две нивоа под земја“ изјави директорот на „Тинекс“. Објектот ќе се состои од приземје и два ката, како и подземен паркинг со капацитет од 100 возила. Покрај продавници и локали, предвидени се и деловни простории. Со реализацијата на овој проект се очекува вработување на 50 лица.