Уставниот суд ја отфрли иницијативата на општина Центар за преиспитување на два члена од Законот за градење, која беше поднесена во февруари 2014 година. Првиот човек на општината, Андреј Жерновски, денеска констатираше дека државната власт ретроактивно ги озакони нелегално поставените споменици во центарот на Скопје, за кои внатрешната ревизија на општина Центар докажа дека се поставени надвор од законот. Жерновски наведува дека со вчерашната одлука на Уставниот суд се озаконува и најавената реконструкција и надградба на Градскиот трговски центар без да се издаде градежна дозвола од општина Центар.
„За нив не е спорна намерата на власта, да донесе измени во законот, кои имаат единствена цел – на општина Центар да и се одземе надлежноста за издавање на одобренија за градба, надградба и реконструкција на објекти, што досега беше во нејзина надлежност, а сега се пренесува на Град Скопје“, се наведува во соопштението на општина Центар. Оттаму додадаваат дека Уставниот суд го нарушува правото на извршување на надлежностите на локалната самоуправа.
Наспроти овие тврдења, Уставниот суд со својата вчерашна одлука даде поинакво објаснување за донесените одредби од Законот за градење. Тие тврдат дека не се одземаат ингеренциите на општина Центар. Уставниот суд смета дека надлежностите на скопските општини остануваат, но дека Градот Скопје ја добива надлежноста да одлучува за надградба, доградба и реконструкција на објекти, доколку утврди дека истите се „од интерес на Градот Скопје и на неговите граѓани“.