По завршеното гласање на македонската јавност, Министерството за транспорт и врски денеска ги објави резултатите од Конкурсот за избор на идејно решение за уредување на пет плажи долж крајбрежјето на Охридското езеро. Победничкиот труд на архитектонското студио „Астрекс“ ја доби втората награда во вредност од по 100.000 денари, додека третата награда во износ од по 50.000 денари им припадна на авторите Искра Лековска, Јордан Тасевски и Владимир Лековски. Надлежното министерство се одлучи да ги откупи конкурсните трудови на архитект Васко Крстевски и на студиото „Боград“ од Струга за сума од по 20.000 денари. Првата награда во висина од по 200.000 денари не е доделена.
Новите плажи долж брегот на Охридското езеро ќе се изведат во периодот до 2017 година. Од државниот буџет е предвидено да се издвојат финансиски средства за уредување на плажите кај Далјан, Извиднички камп, Лагадин, Љубаништа и Студенчишко блато. Јавниот простор е зацртано хортикултурно да се уреди, да се постави урбана опрема и шанк, санитарни јазли, тушеви, детски игралишта, да се изградат пешачки патеки, да се обележи просторот за пливање во езерото, но и да се доведе нов песок на секоја плажа.
Бојан Блажевски