Со поставување на камен темелник, денес беше означен почетокот на најавената реконструкција и надградба на граничниот премин Блаце кон Косово. Со проектот е предвидено зголемување на бројот на сообраќајните ленти од две на четири за влез и од две на три за излез, како и изградба на нови објекти за потребите на царината и полицијата. Во моментов овој граничен премин претставува тесно грло во протокот на сообраќај и размената на стоки и услуги помеѓу Македонија и Косово и пошироко во регионот. Со предвидената надградба се очекува да се зголеми неговата реална пропусна моќ за два до три пати во однос на сегашното ниво на сообраќај. Вредноста на инвестицијата изнесува 1,65 милиони евра, а средствата се обезбедени од 15 милиони тешкиот, втор проект на Светската банка за олеснување на трговијата и транспортот во југоисточна Европа. Изведувач на градежните работи е „Гранит“, кој со договорот се обврза на рок за реализација од 14 месеци.