Претходна статија
Путин најде нова траса за „Јужен поток“ - Македонија транзитна земја?
Следна статија
Цехот за новиот изглед на владиното седиште достигна 16 милиони евра

Владата бара партнери за изградба на гасоводната дистрибутивна мрежа

Објавено на 19.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Дистрибутивна гасоводна мрежа што ќе биде долга 650 километри и во која ќе се инвестираат вкупно 150 милиони евра – овие основни параметри треба да ги исполнат идните концесионери на мрежата. На понуда се два пакети, едниот ја опфаќа источна Македонија, додека другиот западниот дел на нашата земја. Целосната изградба ќе ја финансираат и реализираат приватните партнери, а за возврат ќе стопанисуваат со системот во период од 20 години. Повикот за воспоставување на јавно – приватно партнерство беше објавен од страна на Владата пред неколку дена.

 

Со предвидената дистрибутивна мрежа за природен гас ќе бидат опфатени 37 општини од источна и 26 од западна Македонија. Најповолните понудувачи ќе бидат должни да го изведат дистрибутивниот гасовод до крајните потрошувачи, вклучувајќи ја и опремата за мерење и регулација, да вршат дистрибуција на природен гас, да управуваат со системот за дистрибуција, да го одржуваат и развиваат дистрибутивниот систем и да инвестираат во адаптација и набавка на опрема за производство на топлинска енергија кај постоечките објекти.

 

Покрај обврската за вложување во инфраструктурата за дистрибуција на гас, концесионерите ќе бидат должни да уплаќаат и минимален годишен надоместок во износ од еден процент од добивката. Официјалните првични резултати за компаниите што ќе влезат во игра за реализација на проектот ќе бидат објавени во текот на 2015 година.