Претходна статија
Рудниците липсуваат - неопходен увоз на јаглен за термоелектраните
Следна статија
Градежниците од Балканот ќе формираат конзорциуми за освојување на старите пазари

Граѓаните ќе почекаат на адекватен паркинг во Клинички центар

Објавено на 01.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Паркирањето во Клиничкиот центар е лошо осмислено и организирано, но сепак се наплаќаПо првиот неуспешен обид од минатата година, Министерството за здравство денеска повторно објави повик за воспоставување на јавно – приватно партнерство за изградба на две катни гаражи во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Избраниот инвеститор ќе ја добие можноста да управува со овие објекти во временски период од 35 години, а за возврат ќе треба да инвестира во нивното проектирање, финансирање, изградба, стопанисување и трансфер по изминатиот концесиски период. Врз основа на проценките на надлежното министерство, реализацијата на двете катни гаражи ќе чини 1.201.974.573 денари или околу 19,5 милиони евра, без вклучен ДДВ.

 

Двете катни гаражи со приземје и седум ката е предвидено да имаат капацитет од 2.500 паркинг места, при што истите ќе треба да го обслужуваат новиот централен клинички блок во Клиничкиот центар и преостанатите објекти од овој комплекс. Првото здание ќе се гради на празниот простор помеѓу Инфективната клиника и Фармацевскиот факултет, додека второто ќе никне на местото на постоечкиот Институт за туберкулоза, кој пак ќе биде преселен во новиот Клинички центар. Заинтересираните компании за учество на тендерот ќе мора да достават банкарска гаранција во висина од 100.000 евра.

 

Во следната фаза од реализацијата на двете катни гаражи, најповолниот приватен партнер ќе треба да обезбеди банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот во износ од 1.150.000 евра. Заинтересираните субјекти за учество во јавно – приватното партнерство ќе треба да ги достават своите понуди најдоцна до 15 јануари 2015 година.

 

 

Бојан Блажевски